Со хуманитарен хепенинг, што се одржа во Центарот за култура „Григор Прличев“, лајонс клубот „Лихнидос” од Охрид, одбележа три години од постоењето.
-Изминаа три години со многу активности со многу дружење. Членовите даваат се од себе волонтерски да им помогнат на ранливите категории лица и секоја година наоѓаме целна група, кога симболично, кога конкретна да им помогнеме на луѓето, вели новиот претседател на Лајонс клубот „Лихнидос“ проф. Д-р Зоран Тунтев.
Тој посочува дека македонското општество е младо и има перманентен недостаток на финансиски средства, но на луѓето може да им се помогне и со добар збор и дела, како што тоа го прават лајонсите од Лихнидос, истакна Тунтев.
Во рамки на свеченоста настапија женскиот хор „Распеани охриѓанки“ и музичкиот уметник Емилија Маринова, а посебно воодушевување предизвика стенд ап комичар Никола Тодороски, кој за креативниот хумор доби силни аплаузи од присутните на свеченоста. Тодороски, како и другите уметници кои настапија на одбележувањето на 3-годишнината на лајанс клубот „Лихнидос“ своите хонорари ги отстапија за помош на лицата со интелектуална пореченост во развојот, за што ќе бидат искористени сите средства собрани на хуманитарниот хепенинг.
На свеченоста се обрати и претседателот на зона лајан Драган Спасески Охридски, кој ги промовираше тројцата нови членови на ЛК „Лихнидос“: адвокатот Ѓоко Шајн, познатиот охридски угостител и сопственик на ресторанот „Дамар“ Роберт Василески и Димитар Василески – раководител на патнички сообраќај во најголемото и најреномирано автопревозно претпријатие во поширокиот регион, АД „Галеб“ Охрид.
Хуманитарниот хепенинг беше збогатен со изложба на подводни фотографии од живиот свет во Охридското Езеро на меѓународниот нуркачки инструктор Милутин Секулоски – Миќо.
-Оваа изложба е прва од ваков вид во Македонија за чија реализација беа потребни околу 15 години фотографирање под вода, истакна Секулоски.
Иако Охридското Езеро нема карактеристики како топлите морски води богати со жив свет, тоа си има свои убавини, а особено значајни се ендемските видови флора и фауна и прекрасните подводни извори кои ги фацинираат туристите кои сакаат да ги откријат убавините на македоснкиот бисер, додава Секулоски.
Изложбата на фотографии која е од продажен карактерна е отворена до 30 април, а собраните средствата ќе бидат наменети во хуманитарни цели.
фото:Емилио