Александра Лакрабер и наредната сезона ќе го носи дресот на ЖРК Вардар, откако со клубот договори нова едногодишна соработка.
Француската репрезентативка, која настапува на позицијата лев бек, на почеток на оваа сезозона пристигна во Скопје.
– Тимот што и досега ни носеше радост ќе остане во Скопје, и убедени сме дека ќе покаже уште повеќе од она што како клуб и играчи го постигнаа. Имаме заедничка цел која е блиску до остварување, и веруваме во квалитетот на сите оние што се дел од нашето семејство. Среќни сме што и тие го препознаваат Вардар како свој дом и место во кое можат да бидат високо на европскиот врв. Овој спортски колектив е меѓу најдобрите во Европа, и сакаме да го задржиме континуитетот во добрите резултати, и да одиме чекор понапред. – рече Давор Стојановски, извршниот директор на Вардар.
Лакрабер, во тековната сезона, во која ЖРК Вардар веќе обезбеди пласман во четвртфиналето во Лигата на шампионите, постигнува во просек по 3,6 голови во елитното натпреварување.
Инаку, Лакрабер е шестата ракометарка од актуелниот состав на Вардар, која го продолжи договорот со клубот. Претходно тоа го направија Андреа Лекиќ, Андреа Пенезиќ, Андреа Кликовац, Барбара Лазовиќ и Татјана Хмирова, а од наредната сезона ново лице во ЖРК Вардар ќе биде Драган Цвијиќ.
OhridNews