Четири лица беа повредени, од кои еден е во критична состојба, откако лавина ја погоди скијачката патека „Плен мор“ во Кранс-Монтана, но постојат стравувања дека под снегот се можеби затрупани повеќе луѓе. Плен мор, која се наоѓа на надморска височина од околу 3 000 метри, е највисоката скијачка патека во Кранс-Монтана.

Бројни локални извори тврделе дека дури 10 до 12 луѓе биле погодени од лавината, но нема официјална потврда за ова. Големата операција за спасување на можните преживеани под снегот продолжува. Пјер Игенин од Институтот за истражување на снег и лавина го опишува снегот во областа како влажен и густ, што ги комплицира напорите за пребарување.

Според статистичките податоци од неговиот институт, по 15 минути под лавина, шансите за преживување не се поголеми од 50 отсто. Веб-страницата на Кранс-Монтана означила ризикот од лавина на 2 на скалата од 1-5.

Најголем број од загинатите во лавини на Алпите се скијачи кои скијале надвор од одбележаните ски-патеки.