Фудбалерите на Охрид, ја продолжија битката за позицијата број два на табелата во Втората македонска фудбалска лига-запад, победувајќи го Велазерими 2-1 (1-0), во 22-та рунда од шампионатот.

„Рибарите“ комплетно ги заслужија трите бодови, бидејќи ги оставија срцето и душата за триумф, играјќи со фудбалер помалку повеќе од 50-тина минути. Непромислен и непотребен потег направи Един Мерсовски, кој во 40-та минута без топка удри противнички играч.

Охридските фудбалери мечот го започнаа во мал грч, а гостинските максимално искористија и упатија еден директен удар кон голот на Никола Симоновски. „Рибарите“, после десеттина минути се опуштија и заиграа како што знаат и умеат. Првата прилика му припадна на Роберт Митев. Офанзивецот добро биеше, но гостинскиот чувар на мрежата Иван Николовски беше на место и го одбрани ударот.

Охрид продолжи со офанзивната игра, креирајќи неколку полу-прилики за погодок. Велазерими повеќе мислеше да лежи и задржува време, отколку да игра фудбал. Финишот на првиот дел беше доста содржаен. Мерсовски направи црвен картон, удирајќи го без топка противничкиот играч. Фудбалерот помалку не ги обесхрабри охриѓани, кои преку Бурхан Алији од слободен удар поведоа со 1-0. Алији биеше помеѓу ѕидот и ја погоди гостинската мрежа.

На стартот од второто полувреме, Велазерими, очекувано, ја презеде иницијативата, притискајќи го Охрид на сопствената половина. Кичевчани теренската иницијатива ја крунисаа со погодок на Албуен Имери.

Изедначувачкиот погодок не ги поколеба „рибарите“ да атакуваат на целиот плен. Со ослободија од психолошкиот притисок и почнаа да го газат противникот, без разлика што имаа фудбалер помалку. Наградата стигна во 64-та минута, кога Роберт Митев избегна офсајд позиција и низ нозете на Николовски ја затресе мрежата.

Водството им даде ветар во грб на домаќините. Шанса за трет погодок имаше Шериф Реџепи, но Николовски добра одбрани. Слична шанса имаше и Ромео Кочоски, но повторни Николовски беше на висина од задачата. Во последните минути Велазерими нападна, но охриѓани со маестрална игра во одбрана го заджраа водството и забележаа нова победа во Втората лига.

„Рибарите“ со трите бодови се пробија на третата позиција и дојдоа до еден бод од второпласираната Велешта, која паузираше оваа рунда.

Следното коло, охриѓани, гостуваат кај тимот на Гостивар.

Мх.П.