Министерот за надворешни работи на Руската Федерација, Сергеј Лавров кој денеска ќе престојува во официјална посета на Република Македонија, покрај набиената политичка агенда, ќе одвои дел од времето и за разгледување на културно-историските знаменитости на Охрид.

Според најавата тој ќе ги посети црквата Св. Богородица Перивлепта, Галеријата на икони и  црквата Света Софија.

Во рамки на посетата, предвидено е во Охрид, Лавров ќе  се сретне со македонскиот министер за надворешни работи  Антонио Милошоски, а ќе оствари средба и со премиерот Никола Груевски во владината вила во Охрид. Во чест на високиот гостин претседателот Ѓорѓе Иванов во вилата „Билјана“ ќе организира ручек.

По мповод посетата на Министерот за надворешни работи Сергеј Лавров и средбата со македонскиот државен врв,   во Охрид денеска на сила ќе биде посебен режим на сообраќај.

Заради безбедно движење на делегацијата и возилата под придружба, на одредени патни правци и сообраќајници, привремено ќе биде ограничено движењето на моторни и друг вид на возила со физичко регулирање на сообраќајот. Полицијата во текот на вчерашниот ден вршеше писмено предупредување на сите паркирани патнички и други моторни возила по должината на Булеварот „Туристичка„ но и во стариот дел од градот, каде членовите на руската делегација ќе посетат дел од културно-историските знаменитости на градот. На овој но и на неколку други сообакајници, нема да биде дозволено запирање или паркирање на моторни возила.

СВР- Охрид апелира до граѓаните на исклучива нужност во користењето на сопствените патнички и други моторни возила.

OhridNews