Преземени се низа активности за заштита и унапредување на македонскиот јазик, кој е обезбеден во ЕУ, истакна денеска на прес конференција пратеничката на СДСМ од Охрид Жаклина Лазареска.
На предлог на Владата предводена од СДСМ денот 5 мај е прогласен за ден на македонскиот јазик, во чест на 5 мај 1945 година кога првата влада на Народна Република Македонија ја усвоила азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо. Потпишавме прв договор со ЕУ, Договорот за Фронтекс, на официјален македонски јазик без фусноти и додавки, со што македонскиот јазик стана рамноправен со останатите јазици на Унијата. – рече Лазареска.
По цели децении, се отвораат нови лекторати по македонски јазик на универзитетските центри низ светот, а грижата не застанува тука, потенцира пратеничката Лазареска.
По 20 години на Институтот за македонски јазик, овозможивме вработување на 17 млади луѓе, со што ја докажуваме грижата за македонскиот јазик на дело. Подготвен е нов Закон за употреба на македонски јазик, а за поддршка на македонското творештво воведуваме и нова државна награда која ќе го носи името на великанот Блаже Конески. Сето ова почитувани, е само дел од мерките и политиките што ги преземаме за заштита и унапредување на македонскиот јазик и дома и надвор од државата, додаде Жаклина Лазареска, пратеничка на СДСМ.
OhridNews











