Изминатите три години, откако СДСМ го презеде раководењето со државата, ја извадивме земјата на прав пат, а знаеме дека заедно со граѓание можеме уште повеќе и уште подобро, рече на прес конференција пратеничката од Охрид, Жаклина Лазаревска. Меѓу најважните остварени цели, Лазаревска ги потенцира зачленувањето во НАТО и одлуката за почеток на преговори за членство во ЕУ.

  • За жал, кога носевме историски одлуки, кога чекоревме на прав пат кон полноправно членство во НАТО и отворање на преговори со ЕУ, немавме сојузник во најголемата опозициска партија предводена од Христијан Мицкоски. Мицкоски покажа дека нема ниту став, ниту зрелост, ниту чувство за одговорност за националните интереси, кога требаше да се прават нужни политички компромиси за да се одблокираат процесите кои беа во децениски ќорсокак поради деструктивните политики на неговиот политички ментор, Никола Груевски. Христијан Мицкоски не покажа зрелост и конструктивност ниту кога се соочувавме со акутни проблеми кои не засегаат сите: како што беше проблемот со загадувањето на воздухот, и како што е сега светскиот проблем со пандемијата од Ковид 19, рече Лазаревска.

Таа додаде дека власта на СДСМ успеала да постигне раст на БДП, да обезбеди над милијарда евра странски инвестиции, да се стабилизира долгот, како и да се зголемат девизните резерви.

  • Горди сме и на значителниот пораст на нето платата, која пред економската криза предизвикана од пандемијата, достигна над 27 илјади денари во јануари (27 540 денари) и февруари (27 206 денари). Ако се направи споредба со јуни 2017 (22 808 денари) и јануари 2014 (21 327 денари) и февруари 2014 (20 941 денари), може да се извлече заклучок: Владата предводена од СДСМ значително повеќе ги зголемува нето платите од владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, за пократко време! , рече Лазаревска.

Потенцира дека подобрувањето на условите за живот ќе продолже и во наредниот период.

OhridNews