Почесен црн појас први дан доби потпретседателот Зоран Парулески, а Федерацијата викендов ја очекува настап на „Перник Опен“ во Бугарија.
Марјанчо Лазаревски и Саша Поповски се првите носители на мајсторски црн појас шести дан во Македонската традиционална таеквон-до федерација (МТТФ). Сертификатите од Меѓународната таеквон-до федерација (ИТФ), со седиште во Виена, им беа врачени во средата во просториите на МТТФ, соопшти Федерацијата.
Лазаревски, претседател на МТТФ, и Поповски, почесен претседател и основач на ИТФ таеквон-до во Македонија, полагаа за мајсторските звања во рамките на семинарот одржан од 10 до 12 јули годинава во Софија. На семинарот учествуваa по покана на Бугарската ИТФ таеквон-до федерација.
Полагањето се одржа пред комисија составена од грандмастер Марио Богданов, носител на црн појас деветти дан, и мајстор Вергилиј Ситнилски, носител на осми дан. Сертификатите се заверени од претседателот на ИТФ, грандмастер Ри Јонг Сон, носител на деветти дан.
Федерацијата го доби и својот прв почесен црн појас први дан. ИТФ му го додели на потпретседателот Зоран Парулески, како признание за неговата работа и придонес во развојот на спортот, се наведува во соопштението.
Од МТТФ упатија благодарност за поддршката до генералниот спонзор „ПН Метал“, Општина Охрид и Министерството за спорт. Воедно најавија дека нивни натпреварувачи викендов ќе настапат на „Перник Опен“ во Бугарија, наменет за возрасни категории до 16 години.
OhridNews















