Капитенот на Македонија, Кирил Лазаров со 38 голови се наоѓа на првата позиција на листата најдобри стрелци на Европското првенство во Данска.

– Нормално, би било посебен момент да станам најдобар стрелец повторно на ЕП. Но, за мене тимскиот успех е поважен од индивидуалниот. Ако се совпаднат тие успеси, тогаш би било перфектно. Јас имам високи амбиции, кои може да се остварат само со тимот, сакам нешто големо со Македонија. Јас бев најдобар стрелец на сите времиња на СП во Хрватска, најдобар на ЕП и познато ми е чувството. Би било прекрасно да бидам повторно на врвот – рече Лазаров.

– Генерално, задоволни сме што ја остваривме првата и најважна цел, да играме во главната фаза. Во пресрет на СП 2015 во Катар, најважно беше да бидеме носители, за да добиеме можеби полесен противник. Нас утре не чека меч со Шпанија, кој ќе биде тежок. Тешко е и ова првенство без двајца играчи како Наумче Мојсовски и мојот брат Филип. Овој тим игра заедно веќе 12 години и тешко е без нив.„Ако бевме комплетни, можеби ќе го повторевме петтото место. Во Македонија, очекувањата се зголемија по тоа петто место во Србија. Дури и многумина очекуваа и повеќе. За ова ЕП очекувањата беа огромни и сите се надевавме дека ќе бидеме подобри споредено со Шпанија и 14-то место. Но нашите навивачи мора да бидат поскромни. Сепак е многу тешко за нас. Ние сме мала земја, која веќе остави трага на ракометната мапа. Имаме нов селектор, Ивица Обрван, кој треба да ја подигне нашата игра – рече Лазаров за ЕХФ.
Според предводникот на македонската фаланга во 1/2 финалето ќе се пласираат Франција, Данска, Хрватска и Шпанија, а фаворити на Лазаров за златниот медал се репрезентациите на Франција и Шпанија.
Мх.П.










