Капитенот на македонската ракометна репрезентација Кирил Лазаров повика на максимално ангажирање на неговите соиграчи на денешниот дуел против Естонија со кој  ќе започне новиот квалификациски зиклус за ЕП во Србија 2012 година.


– Чекор по чекор треба да одиме низ евро-квалификациите. Големо значење се дава на натпреварот со Босна и Херцеговина, но мислам дека поголеми проблеми ќе имаме со Естонија, поради императивот победа кој претставува голем психолошки товар за нас. Во Сараево ќе бидеме растоварени и помотивирани, па во такви околности е полесно да се игра. Оваа репрезентација покажала дека може да направи добар резултат. Имаме квалитет и доколку сме свесни за тоа можеме да стигнеме до целта. Жрепката ни беше наклонета, бидејќи можевме да добиеме и многу потешки противници. Треба да направиме добра атмосфера и со голема посветеност да се пласираме на еврошампионатот кој ќе се игра во Србија, што е предуслов голем број македонски навивачи да не бодрат на тие натпревари, изјави Лазаров на прес конференцијата.

Најдобриот македонски ракометар се осврна и на случувањата околу селекторското место и случувањата во репрезентацијата кои го нарушија текот на подготовките и ја влошија атмосферата во репрезентативниот табор.

– Не е најважно кој е селектор. Репрезентацијата треба да биде над се. Ние нашиот леб го заработуваме од нашите клубови, а за репрезентацијата играме поради обврската кон нашата родена земја и кон навивачите. Во минатото доведувавме скапи тренери од странство, а немавме успеси. Пример за тоа е и еден од моите омилени тренери кој многу го почитувам, Лино Червар за кој треба да се запрашаме што направи тој за време на својот престој во Македонија. Дали направи некој млад тренер и дали одржал семинар. Ист е и случајот со Веселин Вујовиќ, Зоран Живковиќ, Драган Ѓукиќ. За разлика од нив со Илија Темелковски отидовме на Светско првенство, победувајќи многу силни репрезентации. За тоа повикувам на обединување и почит меѓу нас Македонците и со срце да играме за Македонија која треба да ни биде над се, истакна Лазаров.

Натпреварот Македонија – Естонија се игра во 17.15 минути. В недела во Сараево и гостуваме на Босна и Херцеговина, а во квалификациската група 1 се наоѓа уште и репрезентацијата на Унгарија. Пласман на Европското првенство 2012 година ќе се одржи во Србија ќе обезбедат двете првопласирани репрезентации од групата.

OhridNews