Јавноста најмногу и со право шпекулира со името на актуелниот тренер на Металург Лино Червар. Хрватскиот тренер кој од неодамна има и македонски пасош би бил вистинскиот избор, долго е во македонскиот ракомет, тренер е на шампионот Металург кој дава најмногу репрезентативци, а зад себе како тренер на Загреб и селектор на Хрватска има сјајни резултати.
Изборот на новиот селектор, на својата интернет страна „lazarovkiril7.com“ ја искоментира и капитенот на репрезентацијата, Кирил Лазаров, во својот коментар тој се согласува дека на селекцијата и е потребен авторитетен тренер.
„Изборот на селектор и на неговиот стручен тим не смее да се биде брзоплет и без добра база и анализа да се донесе таа одлука. Но не смее ни предолго да се одолговлекува. На македонскиот ракомет му треба цврста рака, ракометен авторитет, квалитетен стручњак. Затоа личноста која ќе биде избрана за да ја води македонската репрезентација ќе мора да ги има овие атрибути со кого во заедничка спрега би стигнале далеку, подалеку од нашиот најголем успех. Правилниот избор би значел и наша фокусираност и наша дисциплина и наша реализација во желбите кои ги носиме во себе. Затоа секое одолговлекување на преговорите и недонесување на одлуките за селектор и стручен тим, може да биде штетно на подолги патеки. Но во исто време треба да биде добро анализирано, многу прецизно и транспарентно одлучено, не гледајќи ничии интереси, посебно клубски интереси за доброто на репрезентацијата. Нашата генерација нема време за чекање. Потенцијалот веќе мора максимално да се искористи, заедно со потенцијалот и стручноста на клупата што верувам ќе ја имаме набрзо. Заеднички до поквалитетен македонски ракомет. Тоа е единственото решение“, пишува Лазаров во својот коментар, во кој се осврнува и на уште неколку актуелни проблеми во македонскиот репрезентативен ракомет.
Инаку, Ракометната федерација на Македонија, нема многу време за да избере кој ќе ја предводи репрезентацијата, краен рок е 7. февруари за кога е закажан седница на Управниот одбор.