Голгетерот број еден на неодамнешниот Мундијал во Франција, Кирил Лазаров за хрватските медиуми ги откри картите зборувајќи за пласманот на Македонија во Франција, за македонскиот селектор Лино Червар, за Барселона и за желбата за играње врвен ракомет.
Македонија предводена токму од капитенот се пласираше на 15-та позиција на Мундијалот во Франција. – Од играта на СП делумно сум задоволен, бидејќи секогаш треба да целиме повисоко и повисоко. Наша прва цел пред почетокот беше влегување меѓу ТОП 16, втора избегнување на Франција во осмифиналето и покрај квалитетната група ние тоа го остваривме.
„Црвено жолтите“ под палката на Лино Червар започнаа нов олимписки циклус. Хрватскиот стручњак имаше неколку дебитанти во селекцијата кои настапија во Франција.
– Мислам дека за дебитантите и младите играчи ова првенство дојде добро. Во иднина тие со ова искуство ќе можат да се носат со останатите земји кои се добри ракометни нации. – додаде Лазаров.
Македонија, односно Червар на Мундијалот фаворизираше игра на седум на шест во која Лазаров не верувал од почеток.
– Искрено, не очекував нeшто големо на почетокот од тој процес на воигрување седум на шест, иако тоа не смееш јавно да го кажеш како играч и како капитен на селекцијата. Но, јас ја познавам упорноста на Лино и неговата систематика и знаев дека ќе успее. Неговата цел е да направи база од која Македонија една деценија ќе црпи ракометни таленти. – истакна десниот бек.
После репрезентативните обврски Лазаров се врати во Барселона. Тој со клубот битка бие на сите полиња, а секако во фокусот е титулата од Лигата на Шампиони.
– Лигата на шампионите секоја година е посилна и посилна. Има многу силни екипи, кои секоја година се постабилни, како на играчки, така и на финансиски план. Но, засега ние одиме по планот, добро стоиме во групата и се надевам дека така и ќе продолжиме. Наша цел е Келн и секоја загубена титула за Барселона, во превод значи слаба сезона. – потенцираше Лазаров.
Најдобриот ракометар во македонската историја не планира да се повлече од ракометот се додека здравјето го служи. – Уживам во спортот и ракометот, ништо не ми е тешко кога е во прашање ракометот. Ниту да тренирам, ниту да патувам. Мојот живот е ракометот, го работам она што најмногу го сакам. Имам уште неколку цели во главата, кои сакам да ги остварам како играч. Ќе работам на тоа и со добро здравје се надевам дека и ќе ги остварам.
OhridNews