Македонската ракометна селекција со 32-24 ја совлада репрезентација на Романија во Скопје и обезбеди солидна предност во пресрет на вториот дуел од баражот за пласма на Мундијалот кој ќе се одигра во Клуж. „Црвено црните“ со победата изразена во осум погодоци се наоѓаат на добар пат да ја продолжат успешната низа на учества на големите светски и европски собири.
– Мислам да ни го понудеше некој овој резултат, сигурно ќе го прифатевме. Задоволни и среќни сме од прикажаното, но свесни сме дека можеме уште повеќе. Направивме повеќе почетнички грешки во текот на натпреварот. Не очекувавме да победиме со толку висока разлика, треба да се одмориме овие два дена и доколку планираме некој успех во иднина, треба да се однесуваме победнички, да се спремиме добро и да одиме на триумф во Романија, иако првата и основна цел е пласман на Светското првенство. Имаме солидна разлика, не примивме многу голови, вкупно 24, се надевам дека ќе реализираме повеќе од таа бројка на реваншот. Ќе направиме една добра анализа, очекувам младите да ни бидат додатна вредност и сила, секако очекуваме и од нив да придонесат и да очекуваме од нив поголеми и посериозни работи и ова треба да го сфатат како позитивна критика. – изјави капитенот на Македонија, Кирил Лазаров.
Реваншот во Клуж се игра в среда со почеток во 17 часот и 30 минути.
OhridNews