Седефести перли, пластични бисери и разни бисерни бижутерии во многу трговски дуќани низ Охрид се продаваат како ,,Охридски бисери”. Лажните сертификати и убедувањата од трговците се причината поради која голем број туристи кои го посетуваат Охрид се излажани или може да бидат доведени во заблуда дека купиле оригинални охридски бисери.

Малкумина од купувачите кои не се охриѓани, знаат дека само во два занаетчиски дуќани во охридската чаршија се изработува и продава оригинален охридски бисер. Тоа се дуќаните на фамилиите Талеви и Филеви, кои традицијата за изработка на бисер ја негуваат со децении.


– Јас го имам патентирано мојот производ како ,,Охридски бисер”. Го имам заштитено како географско потекло.Тоа значи дека законски не можат други трговци да продаваат под тоа име. За оваа заштита јас уредно плаќам такса во Заводот за патенти во Скопје. Покрај нас, охридски бисер може да продава и фамилијата Филеви која исто така поседува патент за изработка на оригинални охридски бисери, вели Климент Талев, кој долги години го изработува овој уникатен производ.

Тој објаснува дека иако проблемот со нелојалната конкуренција е постојан,  досега никој од наделжните нема превземено конкретни мерки за да се спречи продажбата на лажни охридски бисери.


Финален производ ,,Охридски бисер”(горе) и суровина за производство (долу)

-Јас никогаш не сум сакал да влегувам во конфликт со нелојалната конкуренција од чаршијата. Има надлежни служби кои што треба да им укажат на трговците кои продаваат фалсификати односно производи под веќе заштитено име, дека не смеат тоа да го прават. Јас не велам да ги затворат своите дуќани, тие слободно може да се занимаваат со трговија и да продаваат накит, но важно е истиот да го продаваат под друго име, а не како охридски бисер, потенцираше Талев.


Изработката на бисерите е целосно рачна

Покрај инспекциските служби за спречување на продажбата на лажни бисери можат да помогнат и туристичките водичи, кои треба да им појаснат на туристите каде можат да купат оргинален охридски бисер.

Охридскиот бисер е многу ценет во светот зашто има природно потекло и е рачно изработен. По својата убавина, начин на изработка и оригиналност се разликува од другите бисери. Неговата изработка е рачна и се изработува од материјали од природно потекло. Традицијата за изработка на ,,Охридскиот бисер” датира од 1924 година.

Е.М