Лажните вести се современо оружје за уништување на поединецот, но и на општествените вредности, оттаму од исклучителна важност е концептот на медиумската писменост да се имплементира во образовниот процес. Ова меѓу другото, беше истакнато на дебатата со наслов „Воведување на медиумската писменост во образованието“,  што се одржа денеска во организација на Владата во соработка со Македонскиот институт за медиуми (МИМ), со поддршка на Делегацијата на Европската Унија (ЕУ), денеска, во Универзитетската библиотека „Св. Климент Охридски“.

Од 86% од домаќинствата кои користат интернет, 73% од нив се изјасниле дека тоа го прават секојдневно, а 83% од популацијата која користи интернет не ги проверува фактите кои ги прочитале, истакна министерот без ресор Роберт Поповски.

Тоа го отвора прашањето да најдеме начин, на граѓаните да им помогнеме, да ги информираме, дека треба да ги детектираат дезинформациите и лажните вести со кои секојдневно се бомбардирани. – рече министерот Поповски.

Тој, подвлече дека од една страна интернетот носи брза комуникација, отвореност и пристапност, заштита на слобода на изразување и на сите човекови права, но од друга страна интернетот може да значи радикализам, национализам, говор на омраза и напад на секоја единка и целото општество.

Лажните вести се оценуваат како современо оружје на масовно уништување со таргет на семејството, пријателите, заедницата и тоа претставува глобален проблем. –  додаде Поповски.

Министерот за образование и наука, Арбeр Адеми, во своето обраќање се задржа на важноста на системот на формалното и неформалното образование и неговата структурна поставеност на генерациите кои се стекнуваат со креативни, информатички претприемачки и други вештини во текот на своето школување.

Претставникот на Делегацијата на ЕУ во нашата земја, политичкиот советник Феручо Бого ја подвлече поддршката која ја дава Европската Унија по ова прашање и ја истакна важноста да се разговара за интернетот како средство за комуникација и за потребата да се информира за концептот на медиумската писменост, односно да се јакне способноста за откривање на вистинските вести притоа почитувајќи ги основните вредности на општеството.

Mедиумската писменост заедно со писменоста како базична јазична компетенција во најопшта смисла на зборот, одат во прилог на целокупното развивање на младите личности кои се формираат во рамките на образовниот процес. –  рече директорот на Бирото за образование, Зекирија Хасипи.

На дебатата учествуваа ученици, професори, претставници на граѓански организации и експерти од оваа област.

OhridNews
фото: влада.мк