– Јас соработувам со мојот бивш клуб. Во 2011 година посредував во трансфер на Карлос, меѓутоа не е тој истиот Карлос кој што беше посочен во неколку медиуми и интернет портали, туку Карлос е поранешен фудбалер на ФК „Генк“ од Белгија и се вика Жоао Пинто Карлос, значи не се работи за Роберто Карлос кој што премина од Коринтијанс во Анжи, објасни Липоски, додавајќи дека тој не е струшкиот милионер.
Тој истакна дека со објавување на ваквите, како што ги нарече, невистинити информации, му е нанесена огромна штета, како на угледот, така и на професионален план, посочувајќи дека загрозено од целата ситуација е и неговото семејство. Најмногу непријатности Липоски, кој бил во странство кога биле објавени написите во медиумите, истакна дека имал со неговите бизнис партнери на кои морал да им објаснува и да им се правда дека не е милионерот посочен од медиумите, а се решил јавно да проговори за целиот случај за да го отстрани сомнежот кај нив дека работел нешто без нивно знаење.
За сите непријатности и нарушениот углед Липоски најави дека правдата ќе ја бара низ институциите на системот, за што веќе има ангажирано адвокат.