Наспроти многуте реклами за подобар третман на жената во општеството како и тие против семејното насилство, жената денес се повеќе е мета на различни притисоци и деградирања, истакна на денешната прес конференција Даниела Ангелоска од Форумот на жени при општинската ЛДП.


Статистиката покажува дека Охрид е еден од градовите со најголемо насилство врз жената и град со најмала застапеност на жената во политичкиот живот. Општинската организација на ЛДП од Охрид и форумот на жени, на овој ден наместо делење цвеќе и давање лицемерни изјави, бара неколку конкретни работи со кои сакаме да и го честитаме 8- ми март на жената, рече Ангелоска .

Форумот на жени од ЛДП од Охрид бара: секое насилство врз жените да биде строго казнувано, во секторите во кои работат жените да се даваат повисоки примања, поголемо учество во политиката, право на избор за абортус, поголема социјална помош за сите самохрани мајки, како и подобар здравствен систем за жената.

Општинската организација на ЛДП од Охрид и форумот на жени повикува на поголема организираност на сите жени од сите политички партии, поголемо влијание на истите во политиката со една единствена цел, а тоа е намалување на манипулацијата на ”машките шефови“ во политиката за поголемо достоинство на жената.

OhridNews