Од година во година се повеќе се девалвира и деградира улогата на парламентот кој од највисок претставвнички дом на граѓаните се претвори во филијала на власта, оценува Либерално демократската партија и прашуваат дали ова претставува вовед во рушењето на парламентарната декократија и вовед во менувањето на политичкиот систем и уставниот поредок на Македонија, пренесува „Макфакс“.

„Дали до 2014 година, кога се и претседателските избори,  заедно со проектот Скопје 2014, Премиерот ни подготвува уште еден проект Македонија 2014, со кој Македонија од парламентарна демократија според своето уредување ќе стане претседателска држава со Претседател во чии раце ќе преминат голем број на ингеренции од државата и неограничена власт?“ прашува Роза Топузова-Каревска, член на Извршниот одбор.

Според неа, покрај политичкиот пресинг врз пратениците од парламентарното мнозинство се врши финансиски притисок врз парламентот.

„Долгот на парламентот за прв пат од независноста на Р.Македонија надмина половина милион евра за да се санира овој дол се воведоа рестриктивни мерки пред извесно време се прекинаа странските списанија за пратениците, а од неодамна и дневните весници се сведоа на еден или два. Со ова пратениците не се во состојба да имаат навремени информации за она што се случува во земјата и надвор. Се прашувам дали и ова е план од информативниот мрак на владата. На вработените во собраниските служби не им се исплаќа надоместок за прекувремена работа, нема пари за патните трошоци на пратениците од внатрешноста,а за рестрикциите во собранискиот ресторан е под секакво ниво да се говори“ вели Топузова-Каревска.

OhridNews
извор:„Макфакс“