Не е исклучено проширување на опозицискиот фронт велат од охридскиот огранок на Либералдемократската партија на Македонија.
-Ние како партија имаме формална соработка со ВМРО-НП, Обединети за Македонија и Достоинство под слоганот “За демократска Македонија”. Мислам дека време беше да се голтнат суетите, да се испеглаат идеолошките разлики и заеднички да се обидеме да ја корегираме состојба во која се наоѓа државата. Тоа е она што е формално договорено. Како трет блок на трибината што се одржа во Охрид пративме порака, дека во иднина може да се стапи во разговори за формирање на еден поголем опозициски блок, оизјавио за OhridNews, претседателот на општинската организација на ЛДП – Охрид, Дејан Блажески.
Во поглед на средбите на лидерот на на ЛДП Жерновски, со лидерот на СДСМ Црвенкоски, Блажески истакна дека средбата имала за цел размена на мислења за моменталната, катастрофална состојба во која се наоѓа Р. Македонија.
-Што ќе изезе од сето тоа ќе покаже времето, ова е само еден почеток на соработка како опозициони партии, додаде Блажески.
Што се однесува до можните коалиции на претстојните локални избори на општинско ниво Блажески истакна дека одлуките за коалицирање ги носи централата на партијата во координација со општинските организации.
-Локалните избори се специфични и потребно е да се разменат информации од локалнате организации и централата. Треба да се има предвид дека ние сме опозициона партија, а кога ќе ја донесеме одлуката за коалицирање ќе излеземе со официјална информација пред граѓаните, истакна Блажески, додавајќи дека до сега немал официјална средба со претседателите на ограноците на двете најголеми партии во Охрид.