Статистиката покажува поразителни факти во поглед на застапеноста на дефектолозите во установите за школска и предшколска воздраст во Охрид и со само еден дефектолог  вработен со скратено работно време во  Општата болница. Празните ветувања од страна на власта на централно ниво, како и оние од страна на локалната власт останаа само на ветувања, истакна на денешната прес- конференција потпредседателот на општинската ЛДП, Десанка Тасеска.

Таа потенцира дека во која и да било земја- членка на Европската унија постојат утврдени правила, што значи на определен број на деца со специјални потреби – треба да биде соодветно застапен и определен број на дефектолози.

Кај нас пак, бројките кажуваат дека од три лица кои живеат во Охрид и се ново дипломирани на Катедрата за Дефектологија, при Универзитетот Кирил и Методиј во Скопје, не е вработено ниту едно од нив. Ставаме посебен акцент на истово, затоа што доколку се работи од страна на дефектолог со деца со специјални потреби, нивниот хендикеп би се минимизирал и би им се овозможила нивна полесна социјализација, рече Тасеска.

Од општинската ЛДП прашуваат- не е ли крајно време да се почуствува одговорност за ваквите случаеви и дали секогаш целни групи на пресовите ќе бидат мнозинството на граѓани, гледани од призмата на гласови, а не оние кои се малку, но со горлив проблем. Од ЛДП бараат одговор и зошто меѓу бројните партиски вработувања на нестручни кадри, не се изврши вработување на дефектолози , без оглед на тоа дали ќе бидат партиски или не. Од оваа партија очекуваат дека Вмро- Дпмне како централна власт и градоначалникот од Сдсм како локална власт, сериозно ќе го разгледаат ова прашање и со помош на стручни лица ќе извршат испитување на овој проблем, со цел што побрзо да ангажираат стручни лица кои се и тоа како важни за правилен развојот на овие деца.

OhridNews