– Неофицијално, идниот концесионер е избран и веќе има склучено договор. Договорот се однесува за период од 6 години, а концесионерот има обрска на државата за истиот тој период да и исплати 12 милиони денари, а за таа сума, добива дозвола да улови 12 тони пастрмка и 1200 тони плашица. Со овој договор, треба да се вработат и 24 рибари што значи дека ќе се зголеми бројот на мрежите во езерото. За илустрација, со поставување на овие мрежи од страна на сите рибари, истите ќе зафаќаат 80 км од езерото, што е навистина премногу, велат од општинската ЛДП.
Оттаму, додаваат дека загрижува и податокот дека зрната икра за мрестење оваа година за разлика од минатата се драстично намалени. При тоа, од ЛДП потенцираат дека недозволиво е да се одобри ловење на видови риби како што се кленот и скобусот, за кои Хидробиолошкиот завод не поседува материјал за мрест.
– Сакаме да ја информираме јавноста дека во Охрид и Струга , во подрачните единици на Министерството за земјоделство,шумарство и водостопанство работаат само 5 инспектори. Подрачното министерство, не поседуваа никакво средство за превоз на вода, а тоа е основно средство за работа. Иронијата да биде поголема, без основното средство за работа, истите запленаа околу 2000 мрежи, кои на драматичен начин ги запали министерот, а беа напишани само неколку пријави, рече на денешната прес конференција, претседателот на општинската ЛДП, Дејан Блажески.
Тој праша зошто се игнорираат укажувањата од страна на екологистите, риболовните друштва, експертите и зошто се избрзува со донесувањето на ваквите одлуки. Од ЛДП со предлог- Владата да оснива Агенција за управување со рибниот фонд во езерата во Република Македонија и да поработи повеќе на искористување на средствата од фондовите на ЕУ за подобрување на заштитата на охридската пастрмка, што подразбира и регулирање на меѓусебните обврски со Албанија.











