Револтирани поради предложените измени на законот за угостителска дејност, со кои на физички лица би им се забранило издавање на апартмани во станбени згради, дел од регистрираните станоиздавачи во Охрид денес побараа прием кај надлежните во локалната самоуправа.
Како што тие нагласија, со цел да побараат од локалната самоуправа да го каже својот став по ова прашање и да реагира пред измените евентуално да бидат изгласани од страна на парламентот.
– Предложените измени на законот, иницирани од ХОТАМ, се апсурдни и целосно неиздржани, затоа што ние становите и апартманите ги издаваме легално, ги подмируваме сите давачки кон локалната самоуправа и кон државата, затоа и нема никаква логика да ни се забрани да издаваме затоа што апартманите биле во колективни станбени згради. Сакаме да добиеме одговор дали оваа локална власт не подржува во барањата, изјавија станоиздавачите пред средбата со раководителот на Секторот за туризам и локален економски развој, Ѓоко Апостолов.
Според предложените измени на законот за угостителска дејност, на физичките лица не им се дозволува да издаваат станови, соби или апартмани на туристи во колективни станбени згради. Објаснувањето за предложените измени е дека со тоа би се овозможило намалување на сивата економија кај физичките лица кои издаваат, бидејќи тие не ги исполнувале условите за вршење на угостителска дејност- издавале станови, а не ги подмирувале давачките.
– Најпрво треба да се дефинира дали предложените измени се однесуваат на регистрираните приватни станоиздавачи или на нерегистрираните. Бидејќи, доколу станува збор за регистрираните, ние како локална власт апсолутно не се согласуваме со ваквиот предлог. Охрид во моментов има 430 регистрирани станоиздавачи, односно 1200 легла. Најголем дел од нив редовно ги подмируваат сите обврски за исплата на туристичка такса и данок во УЈП. Доколку на легалните станоиздавачи им се забрани да вршат угостителска дејност, наместо да се намали сивата економија, таа ќе се зголеми бидејќи голем дел од нив ќе продолжат да издаваат, но незаконски, од што би трпел и буџетот на општината каде се слеваат приходите од наплатата на туристичка такса. Воедно во интерес на локалната самоуправа е Охрид да ја зголеми понудата и квалитетот на сместувачки капацитети, а не да ја намали, нагласува Апостолов.
Апостолов додаде дека локалната е во постојан контакт со министерството за економија, од каде очекуваат појаснување на предложените измени на законот и дека се подготвува официјална реакција со барање за дообјаснување на ставките во предлог законот, по што ќе следи и дефинирање на идните чекори. При тоа потенцира дека доколку пак измените се однесуваат на нерегистрираните станоиздавачи, тогаш локалната ќе ги подржи предложените измени на законот за угостителска дејност.
Т.К.