Лекарите ќе штрајкуваат сé додека не постигнат договор со Министерот за здравство, Никола Тодоров, најавуваат од Самостојниот синдикат на клинички центар.

Засега нема одговор од министерот за здравство, иако според изјавата за Макфакс на претседателот на Самостојниот синдикат на Клиничкиот центар, Дејан Ставриќ, од најавата за штрајкот, од страна на Синдикатот секој ден му праќале на министерот покана за преговори, но одговор немало.

Денес работеа клиниките каде што се примаат итни случаи, како Клиниката за токсикологија, ургентните центри, психијатрија, дијализа на клиниката за нефрологија, а лекарите излегоа на протест за да го изразат своето незадоволство од плаќањето по учинок на паузата во 10 часот.

Ставриќ изјави дека притисоци врз лекарите имало на стоматолошката клиника на инфективната клиника, каде што економските директори ги кинеле плакатите за штрајк.

Лекарите сметаат дека не е законски министерот да им бара списоци на лекарите за тоа  кој ќе штрајкува, а кој не и дека тоа претставува притисок и еден вид мобинг врз лекарите.

Министерството за здравство преговара со Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита, но според Ставриќ во овој синдикат има многу малку членови. Според него, 95 отсто од лекарите специјалисти членуваат во Синдикатот на клинички центар.

Претходно министерот Тодоров изјави дека ќе застане на страната на пациентите и дека нема да го поддржи штрајкот на лекарите.

Лекарите штрајкуваат против моделот плаќање на лекарите по учинок. Тодоров најави дека сите лекари кои ќе штрајкуваат нема да добијат дневници.

OhridNews
извор: Makfaks