Лекарската комора најостро реагираше и го осуди инцидентот во кој пациент физички нападна лекар на работното место во Општата болница во Охрид.

Како што велат од Комората, заканите, физичките и вербалните напади ја отежнуваат здравствената нега и негативно влијаат на нејзиниот квалитет.

Лекар кој се чувствува небезбедено на работното место не може да биде максимално ефикасен во извршувањето на работите обврски. Лекарите и пациенти имаат иста заедничка цел, а тоа обезбедување на квалитетна здравствена заштита, што може да се постигне преку заедничко делување и соработка, се вели во соопштението од Лекарската комора.

Од таму додаваат дека во услови на пандемија, како кај нас така и пошироко во светот, насилството врз здравствените работници стана понагласен проблем, а решението го гледаат во побрзото носење на измените на Кривичниот законик.

Лекарската комора подолго време лобираше и активно беше вклучена во измени на законската регулатива со кои нападот на здравствен работник на работното место ќе се смета за напад на службено лице за што јавното обвинителство ќе покренува кривична пријавата по службена должност и за што ќе има кривична одговорност. За ова да стапи на сила се направија измени на Законот за здравствена заштита кои се веќе донесени, како и измени на Кривичниот законик, кои се во собраниска процедура на носење. Апелираме, пратениците во Собранието што побрзо да ги разгледаат и донесат овие законски измени, кои веруваме дека ќе испратат порака дека насилството не ги решава проблемите, туку само дополнително ги комплицира, поради што во случај на спор треба да се бараат системски решенија.

Инаку, вчера пациент нападна 62 годишна докторка инфектолог, вработена на Инфективното одделение во Охрид, најнапред вербално, а потоа и физички. Инцидентот бил спречен од оние кои биле присутни во болницата, а полицијата најави дека презема мерки за расчистување на случајот.

 

OhridNews