Црвениот крст од Охрид од 14 до 21 септември ја одбележува Неделата на борба против туберкулозата. По тој повод, доктор Славица Петровска, специјалист пневмофтизиолог во Диспанзерот за градни болести и туберкулоза во Охрид и долгогодишен активист во Црвен крст одржа предавања во полицијата и затворот, а со симптомите, превентивата и лекувањето ќе ги запознае и пензионерите.

“Туберкулозата е болест на сиромаштијата. Таа е заразна но излечива болест” рече денеска доктор Петровска, и додаде дека, доколку болниот не се лекува може да зарази 10-15 луѓе околу себе. Според неа, главните симптоми се кашлица која трае повеќе од 3 седмици, потење, крвав искашлок, зголемена температура и ноќно потење. ” Доколку овие симтоми траат повеќе од 3 недели треба да се посети лекар”, рече доктор Петровска и апелира до матичните лекари навремено да ги праќаат пациентите во Диспанзерот доколку постојат индикации за туберкулоза.

Во Македонија секое новороденче се вакцинира со Бе-се-же вакцина. Во 2007 година на државно ниво се регистрирани 563 заболени од туберкулоза, а во Охрид 22 болни. Како најризични општини во Македонија се Куманово, Скопје, Тетово и Гостивар. ” Кај нас, туберкулозата е во опаѓање, благодарение на програмата на Светската здравствена организација”, потенцира доктор Петровска.

Преледите и лекуањето на активните болни од ТБЦ е бесплатно.

A.Ristoska