Непреминлива пречка до тронот за Лескароски беше Бугаринот, Милан Златев, кој беше подобар на поени 3-2 од охридскиот боксер. Претходно во полуфиналната борба Лескароски на поени 3-2 го совлада косовскиот боксер.
– Задоволен сум од сребрениот медал, но секогаш може и подобро. На “Златниот гонг“ настапував со повреда на грбот и неможев да дадам максимум. Во финалето се сретнав со квалитетет противник, кој има големо меѓународно искуство. Во изедначен меч изгубив на поени 3-2. Наредната година ќе бидам поподготвен и подобар и ќе дојдам да го освојам златниот медал на најдобриот турнир во Македонија – посочи Лескароски.
Боксот е спорт, кој бара перфектна физичка и ментална спремност. Лескароски истакна дека подготовките се потешките од самите борби. Тој тренинзите ги одработува со останатите македонски репрезентативци охриѓаните Илчо Јоноски и Бојан Ристески, како и тренерот Митко Нестороски.
– Подготовките за овој турнир беа напорни, а траеа околу месец дена. Претходно мора да тренираш цела година со некое лесно темпо за да можеш еден месец пред ваков турнир да го подигнеш темпото на повисоко ниво – истакна охридскиот боксер.
Признанието за најдобар македонски боксер, Лескароски го смета како награда за досегашниот вложен труд во боксот.
– Не планирам да застанам тука и да се гордеам само со оваа награда. Напротив оваа награда е мотив плус за мене. За ова што сум денеска, најзаслужен е тренерот Алексо Огненов кој за жал не е повеќе меѓу нас. – потенцираше Лескароски пред кого се неколку турнири на Балканско ниво, каде што има квалитетни противници и борби без милост.
Боксерот Лескароски ја откри жалната приказна за боксот во Охрид и Македонија, кој долги години е оставен на маргините. Од шестте репрезентативци тројца доаѓат од Охрид, боксерите самите ги подмируваат трошоците за секој настап како на државно така и на меѓународно ниво.