Недоразбирањата кои настанаа со воведување на наплата за користење на природните вредности на планината Галичица за параглејдинг, која започна да се применува од ова лето, НП „Галичица“ и Воздухопловната федерација ќе ги решаваат низ разговори, велат одговорните во паркот. Еднократно користење на полетиштата на Галичица чини 300 денари, а за целодневно летање со параглајдер треба да се издвојат 1000 денари. Цените не се високи сметаат во националниот парк, посочувајќи дека параглајдингот освен рекреација, претставува и бизнис за инструкторите по летање.
-Тие имаат интерес да ги користат терените на паркот. Во иднина ќе имаме состаноци со нив да ги видиме можностите на паркот, како и тоа што тие го нудат како инструктори кон други и трети лица.-изјави Огнен Достиноски, одговорен за секторот туризам во ЈУНП „Галичица“.
Огнен Достиноски
Искусни параглајдеристи кои летаат од Галичица, велат дека не е проблем наплатата, туку што тие добиваат како услуга од паркот, посочувајќи дека за економски да се експлоатираат полетиштата и слетиштата, најпрвин треба соодветно да се уредат. Параглајдинг клубовите со кои контактиравме, не информираа дека на ниво на федерација се подготвува предлог план за користење на природните вредности за летање кој ќе биде доставен до НП „Галичица“, со цел подобрување на условите за развој на параглајдингот. Инаку, интересот за летање со параглајдер од Галичица, која е исклучително атрактивна поради преубавиот пејзаж на Охридското Езеро, расте од година во година. Ова лето хит беа летовите со параглајдинг во двојка со лиценциран инструктор, кои чинат околу 3000 денари.
Од НП Галичица информираат дека се прават напори да се обезбедат донации за уредување на природните терени за параглајдинг, но сметаат дека е неопходно договорно да се регулираат односите помеѓу регистрираните клубови и парковите, со што и едните и другите ќе се заштитат од нелојална конкуренција.
-Со тој Договор ќе биде дефинирано точно кои субјекти можат да вршат дејност бидејќи сведоци сме дека многу странци ги користат терените на паркот, но и сите терени во Македонија, а нашите инструктори практично имаат нелојална конкуренција.-додава Достиноски.
Покрај за параглајдинг, од неодамна се наплаќа влез во НП Галичица и за рекреација и планинарење. Користењето на обележаните планински патеки за прошетка или велосипедизам чини 30 денари, а за искачување до врвот Магаро или посета на островот Голем Град, кои се строго заштитени зони, се наплатува 200 денари. Одговорните во паркот тврдат дека цените се пристапни и нема реакции од посетителите.
-Наплатата е добредојдена и за посетителите бидејќи на тој начин знаат дека некој се грижи за нив во планината. Тие средства се вложуваат исклучиво за зголемување на вредностите на паркот и негово приближување до посетителите, истакна Достиноски.
Тој додава дека е зголемен и интересот на туристичките агенции за можностите за активен туризам кои ги нуди паркот и се повеќе ја ставаат планината Галичица во аранжманите кои ги нудат на гостите
Г. Момироски