Од 22-ри до 24-ти јуни Охрид ќе биде домаќин на Летниот камп за млади претприемачи кој е дел од проектот „Претприемач да се бидe или не“, поддржан од „YES Network“ – мрежата за млади претприемачи со фондови од Европската Унија. Според најавите, во рамки на тридневниот настан ќе има интерактивни работилници за основите на претприемништвото, за креативно рамислување, лидерство и тимска работа.
Од Локалната агенција за развој од Струга која е локален организатор на кампот, велат дека една од целите за организирање на кампот е тоа што во Македонија има недостаток на претприемнички дух.
-Преприемачкиот пристап ќе ни овозможи максимално да ги искористиме постоечките ресурси и да овозможиме благосотјба за нашите граѓани, но за жал го немаме. Кај нас во Македонија вообичаено размислувањето, кое родителите им го пренесуваат на децата е учи, заврши, вработи се. Но што е вработување во овие услови во кои сме, не само ние туку и целиот свет. Слободна пазарна екоомија? Вработените се новите робови. Работат за гол опстанок за храна и сметки. Токму затоа мораме да престанеме со тоа и да ги учиме помладите да создаваат пари, а не да работат за пари кај некој друг, вели Катерина Василевска од ЛАР Струга.
Таа потенцира дека мора да се има визија за самовработување каде се работи самиот за себе, за понатаму да може да се основа бизнис и да создаваат поголеми приходи.
-Овој проект и овој камп за претприемништво има за цел да им го пренесе на децата тој начин на размислување- не само да бараат работа туку да мислат како да создадат работа. И не само тоа – туку како што создаваат бизнис, да не биде тоа само за личен интерес и профит туку ќе им пренесеме и искуства како да создаваат општествено одговорни и таканаречени „социјални“ бизниси чија цел, не е само профитот по секој цена, туку и да создадат услуги и производи кои ќе се од корист за заедницата каде живеат. И притоа многу да се внимава на заштита на животната средина, појаснува Василевска.
Таа истакна дека во рамки на овој проект благодарение на соработката и поддршката на директорите Славица Костоска и Никола Затуроски, се вклучени и средното училиште „Св Кирил и Методиј“ од Охрид и средното училиште „Нико Нестор“ од Струга.
Е.М