Изминативе денови ОСУ „Св. Климент Охридски“ – Охрид беше домаќин на дел од активностите на Летна школа за архитектура (2025) со студенти и тутори од Словенија. Со задоволство ја отворивме нашата Гимназија за размена на искуства, идеи и креативни иницијативи, велат од училиштето.

Учесниците за време на нивната целокупна активност беа придружувани од нашиот професор по историја Михаил Патчев. Активностите, кои се одржуваа на повеќе локации низ Охрид, започнаа со организирана групна посета на Гимназијата во присуство на професорот Патчев, кој ги запозна гостите со историјата и актуелната состојба на училиштето. Исто така, околу идните планови за реобнова на нашата Гимназија беа запознати од страна на директорката Светлана Велкоска. Во пријатна атмосфера, во просториите на училиштето беше одржано јавно предавање од словенечките тутори, отворено за ученици, наставници и гости, посочуваат.

Последниот ден, додаваат, се одржа финалната презентација на проектите во рамки на Летната школа – изложба поставена низ дворот на гимназијата, како дел од едукативна тура низ неколку образовни објекти во градот.

Настанот беше заокружен со неформална дружба со музика и освежување во дворот на гимназијата – момент на поврзување, размена и инспирација за сите учесници. Горди сме што нашето училиште беше дел од оваа значајна иницијатива и благодарни сме на сите кои беа вклучени во нејзината реализација, додаваат од училиштето.

OhridNews