Летна школа за претприемништво во Охрид ќе се одржи од 5 до 10 јуни 2022 година во рамки на проектот „Скок до успехот“. Младите на возраст помеѓу 18 и 29 години од три земји С.Македонија, Албанија и Србија ќе имаат можност да се пријават за учество на оваа школа, информираат од АГОРА – Центар за промоција на граѓански вредности од Скопје.

Селектираните учесници ќе стекнат знаења и ќе ги засилат своите претприемачки вештини, а низ процес на менторирање ќе развијат бизнис планови за своите бизнис идеи. Проектот „Скок до успехот“ финансиски ќе ги поддржи трите најдобри бизнис планови со по 1000 ЕУР наменети за отворање на компанија и започнување на сопствен бизнис, велат од АГОРА.

Повикот за учесници е отворен до 12.05.2022 година, а пријавата и повеќе информации се достапни на веб и фејсбук страницата на АГОРА.

Преку оваа регионална соработка, поддржана од Фонд за Западен Балкан (westernbalkansfund.org) и кофинансирана од Европската Унија преку ИПА програмата, ќе се мотивираат и охрабрат младите лица од регионот кои имаат креативни и иновативни бизнис идеи истите да ги реализираат, додаваат од АГОРА.

Летната школа е во организација на АГОРА – Центар за промоција на граѓански вредности од Скопје кој во соработка со Метрополитан Инкубатор од Тирана и Дели Простор од Ниш, започна со имплементација на заеднички проект наречен „Скок до успехот“, со цел поттикнување на претприемачкиот дух кај младите од овие три земји.

OhridNews