Четири нови лета од охридскиот аеродром со авиокомпанијата „Визер“. Од Охрид ќе се лета кон Малме во Шведска, Милано во Италија и кон Меминген и Дортмунд во Германија.

Од „Визер“ денеска најавија дека од март ќе бидат воспоставени авиолиниите од Охрид до Милано и до Малме, а билетите за овие дестинации ќе почнуваат од 1.164 денари или 19,99 евра. Од јули се очекува да бидат воспоставени двете линии од Охрид до Германија.

Летовите до Малме почнуваат на 18 март. До 13 септември, од охридскиот аеродром до Малме летовите се во понеделник и петок, а од 18 септември во среда и недела.

Летовите Охрид-Милано стартуваат на 19 март и ќе се реализираат два пати во неделата. До 30 март во вторник и сабота, а од 1 април во понеделник и петок.

Летовите Охрид-Меминген ќе почнат да се реализираат од 1 јули и ќе бидат два пати во неделата, односно во петок и понеделник.

Летовите Охрид-Дортмунд стартуваат на 2 јули и ќе бидат во вторник и сабота.

 

Отворањето на новите авио линии е овозможено преку тендерот за нискобуџетски авиолинии што го распиша Владата, а на кој како единствена компанија се пријави „Визер“, која веќе ги опслужува македонските граѓани. Договорот за субвенционирање на евтини авиолинии беше потпишан денеска во Владата на Република Македонија.

Согласно договорот, авиокомпанијата е должна да отвори вкупно шест нови линии и тоа две од Скопје и четири од Охрид. Првите две линии од Охрид, „Визер“ треба да ги отвори до 26 март годинава, а останатите две во рок од една година од склучувањето на договорот. Двете нови линии од Скопје треба да бидат отворени исто така до 26 март годинава.

Од скопскиот аеродром ќе бидат отворени две нови линии кон Германија и тоа кон Баден-Баден и Бремен, потоа кон Ларнака во Кипар и кон Турку во Финска. Во јули ќе биде донесен и уште еден петти авион.

– Допопонителниот петти авион ќе ни овозможи да раснеме во однос на зачестеноста на нашите услуги од Скопје, така што ќе зачестат летовите кон Гетеборг од четири на пет лета, до Хамбург од два на три лета, кон Келн од три на четири, и кон Малта од два на три летови неделно. Кон Базел ќе се лета три пати на ден, изјави Џорџ Михалопулос од „Визер“ по потпишувањето на договорот.

OhridNews