Во наредниов период Охрид ќе биде домаќин на низа културни манифестации, уметнички настани и бројни музички перфоманси кои по се изгледа ќе ги задоволат апетите и на најпребирливите гости.
Почнувајќи од 53- то издание на фестивалот „Охридско лето“, јубилејното 20-то на „Охрид фест – Охридски трубадури“, седмиот Меѓународен фолклорен фестивал „Разиграно оро“, 52-от „Балкански фестивал на народни песни и игри“, манифестацијата „Лето 2013“ – Бела ноќ, настапите на Каролина, Панчо и „ДНК“, четвртото фестивалско издание на „Грин Бич“ заедно со Роџер Санчез и Фери Корстен, концертот на Жељко Јоксимовиќ, хип хоп кампот 2013 со Марчело и Френки, па се до настапите на охридскиот станд-ап комичар Никола Тодороски, македонскиот „Коперфилд“ Филип Петрески и охридските рок бендови, Охрид ова лето нуди исклучително богата програма за сите генерации.
Хронолошките гледано, сезоната на настани започнува веќе од утре со седмиот Меѓународен фолклорен фестивал „Разиграно оро“, кој до петок ќе се оддржува во Охрид. На сцената на Античкиот театар и плоштадот „Крушевска Република ќе продефилираат повеќе од 1.200 играорци и музичари, од 35 културно уметнички друштва од повеќе земји.
Во петок од 20 часот во НУ Центар за култура „Григор Прличев“, исклучителниот стенд-ап комичар Никола Тодороски ветува незаборавна забава со нов материјал. Истата вечер од 22:30 во култниот клуб „Џез ин“, љубителите на магијата и илузијата ќе имаат можност да се уверат во квалитетите на Филип Петрески.
Официјалното отворање на туристичката сезона во Охрид ќе биде во склоп на манифестацијата „ЛЕТО 2013“ што овој викенд ќе се оддржи на градскиот плоштад. По примерот на светските туристички центри, градот на 6-ти и 7-ми јули ќе работи 24 часа како дел од „Белата ноќ“. Туристите ќе имаат можност да го проследат концертот на големата македонска музичка ѕвезда Каролина Гочева, а во музичкиот дел ќе настапат Панчо и ДНК. Забавата длабоко во ноќта ќе продолжи со ди-џеј сетови на Lafonque и Iceberger, додека на повеќе пултови ќе се презентираат специфичностите на градот.
Во сабота, настапот на националниот ансамбл „Танец“ ќе го најави отворањето на 52-риот Балкански фестивал на народни песни и игри. На сцената Долни Сарај од 6-ти до 11-ти јули ќе продефилираат познати културно-уметнички друштва и ансамбли од регионот и пошироко, а љубителите на традиционалниот звук и фолклор ќе имаат вистинска прилика да уживаат.
Со голем спектакл и незаборавен настап на најголемата оперска ѕвезда Димитри Хворостовски, на 12-ти овој месец во Античкиот театар ќе биде отворено 53- то издание на фестивалот „Охридско лето“. Во текот на 40-те фестивалски денови, се најавуваат голем број светски познати имиња кои оваа година ќе го издигнат фестивалот на едно повисоко ниво. На 17-ти јули ќе се оддржи концерт на светски познатиот виолончелист Антонио Менезес, кој ќе настапи придружуван од пијанистката Олга Зародоужниоук, а јаготка на шлагот ќе биде настапот на светската музичка атракција, квартетот „Бонд“.
На 20-ти јули, плажата градиште на едно место ќе ги собере повеќето рапери од земјава и регионот. Хип-хоп кампот 2013-та во Охрид го носи познатиот Марчело, кој ќе настапи заедно со своите придружници од групата Филтери Марчело. На сцената ќе продефилира и балканскиот борец за мир, Френки, а од македонските рапери ќе се појават Да Џака Накот, Тонио Сан, Титаниум, Хроник, Римски Масив, Алфа и ди џеј Чваре.
Месец август ќе биде отворен со четвртото фестивалско издание на Green Beach Festival, а крај брегот на плажата „Парк“ ќе се појави пионерот на транс-музиката Фери Корстен, како и едно од водечките светски имиња на електронската сцена, Роџер Санчез. На 3-ти истиот месец, во Охрид доаѓа српската поп-ѕвезда Жељко Јоксимовиќ, како дел од летната турнеа предвидена во Македонија.
На овогодинешното јубилејно 20-то издание на „Охрид Фест – Охридски трубадури“, кое од 20-ти до 24-ти август ќе се оддржи во Охрид, се очекува спектакуларен музички камбек на легендарната македонска музичка група „Македонија“. „Трубадурите“ ќе бидат отворени со детскиот фестивал „Чунга лунга“, потоа следи вечерта на нови ѕвезди, третиот ден е посветен на фолк-музиката, четвриот е поп-вечерта, а фестивалот ќе биде затворен со интернационалната вечер. Новост е тоа што настанот ќе се реализира во централното градско подрачје, наместо на летната сцена Долни Сарај.
Во прилот на туристичката сезона оди продолжувањето на работното време на угостителските објекти, одлука која треба да биде потврдена на денешната седница на Советот на општина Охрид.
Ако на ова се додадат најавените 9-те чартер летови од земјите на Бенелукс на неделно ниво, воспоставувањето бродската линија Струга-Охрид-Поградец и богата понуда која ја имаат охридските ноќни клубови, може да се каже дека градот е подготвен за новата туристичка сезона.
На жешката понуда се надоврзува и OhridNews кој и ова лето подготвува бројни изненадувања за читателите. Повеќе за тоа наскоро…
O.T.