Филмот, чиј сценарист е Жил Туран кој ќе биде и специјален гостин на отворањето, претставува кратка сторија за Франција во 1789 година, периодот пред почетокот на француската револуција.
На петтото издание на фестивалот, во официјалната програма ќе бидат прикажани десеттина филмови кои ќе бидат оценувани од стручното жири, како и кратки филмови од француски и македонски автори.
– И годинава очекуваме голем број на француски режисери, актери, сценаристи и продуценти кои во Охрид ќе имаат можност да се дружат и со колегите од земјава и соседството. Како и секоја година ќе се прикажуваат филмови од најновата француска кинематографија, кои често пати се наградувани на фестивалите во Европа. Овој проект започна со приватна иницијатива, подоцна се приклучија и министерствата за култура на Македонија и Франција и полека прераснува во меѓународен проект кој полека завзема значајно место во македонската, но и француската јавност. Воедно, претставува и одлична реклама за Охрид и Македонија, вели директорот на фестивалот, Зоран Велјаноски- Летра.
Летра го потенцира задоволството што од година во година публиката која ги следи филмските проекции во рамки на фестивалот е се побројна.
– Во текот на сите фестивалски денови проекциите се следат од околу седум до осум илјади гледачи. Ако првата година беше забележано гламурозно отворање со бројна публика, но имаше и проекции кои не беа многу посетени, на мое големо задоволство, постепено охриѓани го препознаа фестивалот, француската уметност и култура и се помасовно доаѓаат на проекциите. Има луѓе кои ги следат сите проекции, водат разговор со присутните актери и режисери, додава Велјаноски.
Името на годинашниот добитник на наградата Златна маска за животно дело ќе биде објавено на денот на затворањето на фестивалот, на 5- ти јули.