Познатиот охридски фотограф и издавач Зоран Велјаноски – Летра, денеска во кафетеријата „Ликвид“ ја промовираше фото книгата „Три рефлексии на погледот“.
Промоцијата има три симболики, истакна Летра.
-Прво сакав да ја споделам оваа моја книга со новинарите кои што ја следат мојата кариера, второ малку да ја релаксираме изборната атмосфера и трето во месецот кога се одржува саемот на книгата сакавме да направиме една ваква промоција во Охрид.-изјави авторот на книгата Зоран Велјаноски Летра.
Во книгата се поместени фотографии кои суптилно укажуваат на човековото пркосење на природата и уништувањето на животната средина.
-Целта ми е преку овие фотографии да упатам и една критика, порака за се она што го прави човекот на природата и како ја менува.-рече Летра.
Промотор на делото е Славе Ѓорго Димоски, кој во предговорот на фото книгата ќе напише дека Охрид е свето таинство постојано опкружувано од пророци, сликари, поети, учени луѓе, град кој отсекогаш претставувал мистерија, мистични и хаотични сили, а подземниот блесок на водата и нејзината митологија го предизвикувале вековното љубопитво на бројни неимари постојано да го извишуваат во духовна, културна и уметничка вертикала.

Тој додава дека книгата овозможува низ магичното фото-око на Зоран Летра да се обгрли Охрид со еден посебен поглед на целина која комплетно му припаѓа на градот и на неговата внатрешна биографија, низ три рефлексии.
Книгата „Три рефлексии на погледот“ е најава за изложбата на Зоран Велјаноски Летра која ќе се случи наскоро, на која ќе бидат поместени црно бели фотографии.
Зоран Велјаноски-Летра со фотографија се занимава повеќе od три децении. Во досегашната своја кариера реализирал седум самостојни изложби во земјава и светот, а учествувал и на повеќе групни изложби. Роден во Охрид во 1965 година.
OhridNews














