Како што истакнуваат мештаните на с. Велестово и здруженијата ,,Велестово”, ,, Грашница” и ,, Енхелеус” , веќе 20 години во ова атрактивно село кое се наоѓа во НП Галичица, неконтролирано никнуваат дивоградби чии сопственици се поранешни и актуелни моќници од цела Македонија, велат во соопштението од Левица Охрид.

Дивоградбите, всушност се високи повеќекатници што е спротивно на препораките на УНЕСКО, во овој заштитен појас да нема повисоки градби од П + 1. Се градат и хотели и тоа без донесен урбанистички план. Левица Охрид ги поддржува граѓаните и веќе споменатите здруженија во борбата против дивоградбите и урбаниот хаос во Велестово и упатува апел до заспаната градежна инспекција во Охрид конечно да почне да ја работи својата работа за која е платена од граѓаните, наведуваат во соопштението.

Јасно е дека со својата корумпираност добро профитираат, велат од Левица Охрид, создавајќи го овој урбан хаос во Охрид и ги полнат своите банкарски сметки, со што го уништуваат градот, поради што денес УНЕСКО ни дише во врат, а Охрид е доведен до ситуација да го изгуби статусот Град на УНЕСКО.

Предупредуваме дека трпението на граѓаните е веќе при крај и конечно се подготвени да се борат до крај со корумпираните надлежни служби, а Левица Охрид недвосмислено ќе застане во одбрана на интересите на граѓаните, се додава во соопштението од Левица Охрид.