Во изминатиов период, властите на централно и на локално ниво не постапуваа согласно донесените закони, така што се направени несогледливи негативни последици на природното и културното наследство на охридскиот регион велат во денешното соопштение од Левица Охрид, додавајќи дека имаат одредени барања во однос на изјавата на градоначалникот Кирил Пецаков за уредување на плажите и нивно издавање под закуп.
Да се продолжи со рушење на дивоградбите на охридското крајбрежје и во Езерото во согласност со Планот за управување со Охридското Езеро, со Законот за води, Законот за животна средина, Студијата за валоризација на Охридското Езеро како споменик на природа, Законот за управување со природното и културното наследство на охридскиот регион и други позитивни законски акти. Општина Охрид да формира ново јавно претпријатие кое ќе стопанисува со охридските плажи, ќе ги уреди во согласно со препораките на УНЕСКО и останатите законски прописи кои важат за регионов, бидејќи не смееме да дозволиме Охрид и Охридското Езеро да го изгубат статусот на заштитено културно и природно наследство поради лични интереси на поединци. На овој начин, сметаме дека бенифит од туристичката сезона ќе имаат сите граѓанини на Охрид и пошироко, а не само претставници од таканаречената бизнис-елита, велат во соопшетнието.
Додаваат дека бараат поништување на конкурсот за уредување на плажите, кој заврши пред извесен период, поради тоа што истиот не може да се однесува на сите плажи, како и распишување на нов конкурс за уредување на охридските плажи и тоа за секоја плажа поединечно, при што за истите бараат активно вклучување на ЈНУ „Хидробиолошки завод”, со чија помош би се одредиле локациите врз кои стопанисувањето ќе има најмало негативно влијание на растителниот и животинскиот свет во езерото.
Бараме да соодносот на слободниот пристап за граѓаните биде 60-70% од површината на плажата во однос на комерцијалниот дел. Неколку плажи да бидат уредени на начин да може да бидат престижни плажи со сино знаменце. Сите досега инволвирани во бизнисот со охридските плажи кои со години работеле без концесија и не плаќале никакви давачки кон општината, со што го оштетиле општинскиот и државниот буџет со големи суми, да бидат санкционирани, наведуваат во соопштението.
Од Левица Охрид додаваат дека бараат одговорност за претходните градоначалници и инспекциски служби кои работеле спротивно на закон и ја злоупотребиле службената положба, со што им дозволиле за некои субјекти да остварат лична корист со работење без надоместок, односно без добиена концесија.
OhridNews













