ЈП Охридски Комуналец има ангажирано приватната комунална компанија од Битола за собирање на смет, метење на улици, миење на улици итн., и плаќа 150 илјади евра за користењето на изнајмените возила велат во дописот до медиумите од ЛО Левица Охрид, потенцирајќи дека за истите пари може да купат возила кои би останале во сопственост на претпријатието.
Охридски Комуналец е јавно претпријатие организирано за извршување на комунални дејности на територијата на Општина Охрид. Но, наместо Охридски Комуналец да ги работи овие работи, ангажира фирма и плаќа 150 илјади евра за користењето на изнајмените возила. За 150 илјади евра Охридски Комуналец може да ги купи овие возила и истите да бидат во негова сопственост. Ангажирањето на надворешни фирми е неоправдано, нерационално и неусогласено со можностите на претпријатието. Јавното претпријатие Охридски Комуналец треба да е целосно оспособено за самостојно одржување на улиците што ќе резултира со заштеда на значителни средства, наведуваат во дописот.
Со промената на раководството на JП Охридски Комуналец, како што е добро познато затекнавме претпријатие со големи долгови и дотраена механизација (возила со големи дефекти или целосно вон функција), велат во реакцијата од претпријатието.
Со оглед на неочекуваната финансиска ситуација односно многу поголемите финасиски долгови од она што беше претходно претставено и предвидено, а по извршена финансиска анализа, во тој момент се покажа како економски неоправдано и невозможно да се пристапи кон набавување на нови возила и инвестиција во сервисирање на големи дефекти, а од друга страна пак зголемениот обем на работа во екот на туристичката сезона наметна потреба од носење брза, економски прифатлива и оправдана одлука од страна на раководниот тим на JП Охридски Комуналец. За таа цел, а водени од интересот на доброто на градот и одржување на високо ниво на јавна чистота се донесе гореспоменатата одлука за ангажирање на фирма и изнајмување на возила, велат од ЈП Охридски Комуналец.

Напоменуваат и дека целата постапка околу ангажирање на гореспоменуваната фирма била законска и транспарентна.
Н.С.Ј.












