Македонија, а секако и Охрид, се опустошени со иселувањето на младите, секако поради неможноста да се остварат како успешни граѓани и успешни стручњаци во областа во која се образувале поради партиските вработувања на вашите неспособни партиски послушници со купени дипломи, велат во реакцијата од Левица Охрид на вчерашната прес конференцијата на претседателката на ОО СДСМ Охрид Кристина Крлеска-Деспотоска, посветена на економските политики на владата во време на криза.

Поради тридецениското расипничко владеење во Охрид, денес имаме презадолжени и превработени ЈП со неефикасна и неспособна администрација. Презадолжена и превработена општина со корумпирани административци, посебно во секторот за урбанизам, велат во реакцијата.

Додаваат дека поради урбаната мафија и урбан хаос, Охрид е доведен во ситуација да го изгуби статусот Град на УНЕСКО.

Се фалите со минимална плата од 18 000 денари, без да знаете како се живее со таа плата и како вашите спонзори, олигарсите, спроведуваат жестока експлоатација врз работниците. Уништено образование. Руинирано јавно здравство со што се соочува цела Македонија, а посебно Охрид и охриѓани. Во охридската болница веќе половина година не работи детското одделение, а на прагот на затворање се уште неколку други одделенија, 

Секојдневни апели за помош од наши сограѓани за лекување, како и на социјално загрозени семејства, кои не можат ни да се прехранат, ни да обезбедат огрев за своите семејства. Тоа е резултатот од вашето ,,успешно” владеење. Тоа е секојдневието на обичниот човек во општеството кое вашите партии го изградија, се додава во реакцијата од Левица Охрид.

OhridNews