Жесток атак од партијата Левица кон советникот на ДУИ Нефи Усеини. Левица обвинува дека актуелниот член на Советот на Општина Охрид и бизнисмен, со децении е заштитен од законот од сите гарнитури на власт. Потврда за тоа, според Левица, е случајот со насипувањето со земја на Охридското Езеро кај Далјан.

И покрај тоа што полицијата поднесе кривична пријава против неговата фирма „Нефи Ик” за загадување на Охридското Езеро, Обвинителството ја отфрла како неоснована. Обвинителството одлучи дека за истурање на шутот во езерото се виновни двајцата работници, вработени во фирмата на Нефи Усеини , кои шутот го истуриле во езерото со механизацијата во сопственост на фирмата „Нефи Ик”. На тој начин заштитникот на животната средина и фирмата во негова сопственост се ослободени од секакво обвинение , бидејќи двајцата работници ја презеле вината, а Обвинителството ги прогласи за единствени виновници. – велат од Левица.

Од Левица уште укажуваат дека против Нефи Усеини се водат две судски постапки за физички напад, како и дека се уште нема разрешница за напад врз овластен инспектор што се обидел да изврши надзор на терасата на неговата пицеријата изградена без одобрение на државен имот, но и за незаконски изградената бетонска база на патот Охрид – Струга.

Надлежните органи се немоќни пред Усеини, додаваат од Левица.

OhridNews