Музичко-сценската програма на фестивалот „Охридско лето“ продолжува вечерва со балетската претстава „Либертанго“ што ќе ја изведе Националната опера и балет на Република Северна Македонија на сцената Долни Сарај.

„Либертанго“ на музика од Астор Пјацола е претстава која го покажува создавањето и патот на тангото. Уличен танц што го достигнува пиедесталот на светската танц-сцена. Танго или танцот на страста, желбата, љубомората, љубовта, привлекувањето… Оваа приказна ни го покажува патот на италијанското семејство Пјацола.

Ќе настапат Александра Мијалкова во улогата на мајката на Пјацола, Васил Чичијашвили како татко на композиторот, Марија Кичевска Шокаровска која ја игра улогата на танго-танчерката Мариа Ниевес, Игор Веланоски како танго-танчер, Саша Евтимова која ќе ја одигра улогата на првата жена на Пјацола и Наташа Јосифовска како последната жена на композиторот.

Кореограф на претставата е Италијанската Сабрина Боско, режисер и либретист Наташа Поплавска, сценограф и костимограф еАлександар Ношпал.

Во рамките на традиционалната Вечер на Европската унија што се одржува на фестивалот „Охридско лето“, вечерва со почеток во 20 часот во црквата „Света Софија“ ќе се одржи концерт на финскиот пијанист Оли Мустонен.

Овој големуметник, виртуоз на пијано, започнува да учи пијано на само 5-годишна возраст, а негов учител бил еминентниот пијанист Ралф Готони. Само две години подоцна, започнува да учи композиција со еден од најпознатите фински автори на современа музика Еинојухани Рутаваара.

Како и неговиот сонародник Еса Пека Салонен, Оли Мустонен во светот е познат по неговите врвни интерпретации на пијаното, додека пак во родната Финска е многу ценет како композитор.

Издавачката куќа „Шот“ ги издава композициите на Мустонен, неговата Токата за пијано, гудачки квартет и контрабас од 1989 година го позиционира на композиторската сцена, по што тој пишува Три Мистерии за оркестар (2003), неколку концертни дела, дела за соло пијано и повеќе композиции за виолончело. На камерната сцена соработува со виолончелистите Стивен Исерлис и Данијел Милер Шот особено за изведбите на авторските дела. Неговата прва симфонија „Тури“ е порачка на Филхармонијата од Хелсинки, а веднаш по премиерата на делото во 2012 година, оркестарот бара од Мустонен да напише уште едно симфониско дело.