Со вечерашниот концерт „Либертанго“ во изведба на оркестарот на ФАМЕ’С институтот продолжува музичката програма на годинешното 65. издание на Фестивалот „Охридско лето“.

Програмата става акцент на разновиден музички репертоар, овозможувајќи им на студентите да истражуваат широк спектар на жанрови: класична, филмска и музика од видеоигри, џез, модерна, современа и традиционална оркестарска музика. Целта е да се прошират нивните хоризонти и да им се овозможи осознавање нови вештини и музички стилови, надминувајќи ги традиционалните образовни практики.
Институтот соработува со еминентни музички имиња, како: Тимоти Редмонд, Роман Симовиќ, Ирина Мурешану, Веско Ешкенази, Колсимча и Оливие Труан, Алистер Кинг, Остин Винтори, Франческо Тристано, Роб Мазурек, Бенџамин Шварц, Мириан Кукунаишвили, Куареим, Етјен Аблен, Габриел Прокофјев, Емили Дејвис, Јан Банг, Танго 5/4, Лука Фаулиси, Пол Марсовски, Чаба Палфи, Питер Барсони, Дајен Луи, Федерико Натан и други.
Русанда Панфили е виолинистка, композиторка и аранжерка со исклучителен музички талент по потекло од Молдавија. Таа исполнува различни музички жанрови, виолински концерти како оние на Шостакович и Сибелиус, разновидни дела од камерното творештво и широк спектар на музика за филмови од легендарните композитори, како Мориконе, Вилијамс, Зимер и Депла.
Како наградувана виолинистка, Панфили има остварено бројни настапи со меѓународно признати оркестри и диригенти низ светот.
Русанда негува посебна љубов кон фолклорната музика, која ја инспирираше да го создаде проектот „Панфили и пријателите“, каде што таа ги поврза љубовта кон класичната и традиционалната музика. Нејзиниот прв албум е сведоштво за нејзиниот иновативен дух и креативност за продукција на музика којашто ги надминува границите.
Со издавањето на албумот ,,Андара 1980‘‘, Русанда ја одбележа 2020 година како композитор.
Русанда ја има привилегијата да свири на ретката и скапоцена виолина од 1610 година изработена од Г. П. Маџини.
Концертот ќе се одржи во црквата Св. Софија со почеток во 21 часот.
OhridNews
					



							






