Агенцијата за вработување јавно ги повикува сите лица кои ги надминале роковите за пријава во евиденцијата на Агенцијата за вработување во наредните 30 дена, а најдоцна до 19 март 2021 година, да дојдат во Центрите за вработување и дисперзираните канцеларии каде се евидентирани за да ја регулираат својата обврска како активни или пасивни баратели на работа.

Потсетуваме дека согласно Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, лицето кое е евидентирано како активен барател на работа е должно лично да се јавува во Агенцијата за вработување на секои 30 дена, а лицето евидентирано како друго лице кое бара работа или пасивен барател на работа на секои шест месеци. – информира Агенцијата за вработување – подрачна единица Охрид.

Невработените лица кои нема да ги исполнат овие обврски во рок од 30 дена согласно Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност се бришат од евиденцијата на невработени лица и можат повторно да се пријават по истекот на една година, а корисниците на права по основ на невработеност го губат и правото.

Апелираме до сите лица кои ќе дојдат да се евидентираат во Центрите за вработување и дисперзираните канцеларии да ги почитуваат мерките за заштита од вирусот КОВИД 19 пропишани од Министерството за здравство, да носат заштитна маска и одржуваат соодветна дистанца од другите лица. – стои во соопштението на Агенцијата за вработување – подрачна единица Охрид.

OhridNews