Според резултатите од истражувањето „Охрид – туристички бренд што ветува” дури 45% од странските туристи кои беа анкетирани, прв пат слушнале за Охрид преку лични контакти. Воедно, повеќе од 14% од странските туристи, пред сè од Балканските земји, слушнале за Охрид во текот на своето образование, а 5% од статии од весник или книга (види графикон). Така, по малку неочекувано, доаѓаме до констатација дека високи 65% од испитаниците сликата и очекувањата за Охрид ги стекнале преку информации добиени без посебни активности на туристичките субјекти за мотивирање на странските гости да го посетат Охрид.

 
Извори користени како прва информација за Охрид

Може да се заклучи дека и покрај тоа што се прават презентации на Охрид преку најразлични активности на субјектите што се директно вклучени и засегнати од туризмот, сепак, поголемиот дел од странците претходно креирале слика за Охрид од други извори (претежно лични контакти на туристите со охриѓани или луѓе од Македонија). Атрактивноста на Охрид како значаен балкански културно – историски центар предизвикува да се пласираат информации за него преку книги, филмови, статии во печатени и електронски медиуми, образование итн. Тоа би ги мотивирало странските туристи, особено од балканските земји да го посетат.

Можеби спротивно на очекувањата, помалку од 36% од странските туристи истакнале дека прв пат слушнале за Охрид преку промотивните активности на туристичките субјекти. Повеќето од нив или речиси 15% од испитаниците одговориле дека прв пат за Охрид слушнале преку интернетот како медиум, додека 14% од испитаниците прв пат добиле информација преку реклами во весници и електронски медиуми, саеми и туристички агенции. Дел од испитаниците (7%) слушнале за Охрид преку промотивни информации за организирани саеми, летни школи и сл.

Истражувањето како дел од „Г1 ПРОГРАМА ЗА ПОДДРШКА НА ЛОКАЛНИОТ ЕКОНОМСКИ РАЗВОЈ НА ОПШТИНА ОХРИД” го спроведе здружението Е КУЛ ТУР, на крајот од август и почетокот од септември 2011 година на репрезентативен примерок од 111 испитаници, сите странски туристи.

OhridNews