Тој најави отварање на инфо центар во Охрид кој ќе функционира во рамки на Центарот за услуги при локалната самоуправа.
– Се надеваме дека тоа ќе им овозможи на граѓаните да имаат полесен пристап до информациите околу Европската унија. На овој начин се обидуваме да стапиме во контакт и со граѓаните од Охрид и регионот и се надеваме на долга соработка со општина Охрид и дека луѓето ќе го користат центарот, рече Лидел кој денес во Охрид изврши презентација на Извештајот за напредокот на Европската комисија за 2011 година.
Градоначалникот на општина Охрид ја искористи приликата да го искаже своето мислење околу имплементацијата на дел од препораките дадени од страна на ЕУ.
– Процесите на децентрализација се застанати, а тие се еден од најважниот дел од препораките за влез во ЕУ. Ние како земја, за да станеме дел од европското семејство, треба да се прилагодиме и ги прифатиме определените правилата, а не правилата да се прилагодат на нас. Некои процеси во земјава се и вратени неколку чекори наназад. На гостите искрено им пренесов како јас ги гледам случувањата во земјава. Само така пријателите ќе можат да ни помогнат, доколку точно ги знаат состојбите во земјава, рече Петрески.
На ваквата изјава на Петрески, Лидел се надоврза потенцирајќи дека интересно е да се слушнат различните впечатоци и гледишта кои се користат при изготвувањето на годишниот извештај на Европската унија.
Во однос на аспирацијата на Македонија за започнување на преговорите за влез во Европската Унија, Лидел ги повтори веќе чуените препораки.
– Ве охрабрувам сега да го прочитате прогрес извештајот каде ќе видите позитивни и негативни критики кои сме ги дале. Во резимето велиме дека сте подготвени да ги започенете преговорите, значи ги исполнувате критериумите, рече шефот на Делегацијата на ЕУ во Република Македонија.
Лидел потенцира дека Европската Унија искажува загриженост дека не се обезбедени сите адекватни ресурси за соодветно имплементирање на одредени закони, при тоа нагласувајќи дека погрешно е на укажувањата да се гледа како на негативни критики.