Започнувајќи од 1992 година, на 3 декември се одбележува Меѓународниот ден на лицата со попреченост со цел подигнување на свеста за правата на овие лица. Фокус е градењето на подобар свет за лицата со попреченост, свет кој ќе биде инклузивен, пристапен и одржлив. Повеќе од една милијарда луѓе или приближно 15% од светската популација, живеат со некоја форма на попреченост. Темата за 2021 година под која ОН го одбележуваат денешниот ден е Лидерство и учество на лицата со попреченост кон инклузивен, достапен и одржлив пост-Ковид-19 свет “.

Оваа година, Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби треба да се искористи за да се признае дека луѓето кои живеат со попреченост се меѓу најпогодените популации во услови на пандемија. Онаму каде што маргинализацијата, дискриминацијата, ранливоста и експлоатацијата се секојдневие за многу луѓе, ризикот од лоши резултати е зголемен со намалениот пристап до рутинска здравствена заштита и услуги за рехабилитација, поизразена социјална изолација, лошо прилагодени пораки за јавно здравје, несоодветно конструирани услуги за ментално здравје и недостаток на подготвеност за итни случаи за лицата со попреченост, порачуваат од Институтот за јавно здравје. 

По повод 3 декември свое обраќање имаше и Министерката за образование и наука Мила Царовска  која истакна дека денес се испраќа силна порака дека треба да се продолжи борбата против стереотипите дека попреченоста е бариера за поединецот да постапува лични цели и да даде свој придонес кон развојот на државата.

Таа посочи дека МОН и Владата направиле значаен исчекор во унапредувањето на правата и можностите за квалитетно образование на децата со попреченост. Како што рече, во 2021 година, образовниот систем значително го подигна нивото на инклузивност, а напорите на институциите на системот предводени од МОН имаат конкретен исход.

Постигнавме целосна инклузија во делот на основното образование. Новите материјали за учење се достапни во електронска и аудиоверзија, а првпат и на Брајово писмо за сите ученици со оштетен вид. Посебните основни училишта се трансформираа во училишта со ресурсни центри, стручните служби во училиштата се зајакнати, а услугата образовна асистенција стана системско решение. Во моментов 500 образовни асистенти обезбедуваат поддршка во процесот на едукација за учениците во редовните училишта и тоа повеќе не е трошок на семејствата на учениците, туку обврска на државата, рече Царовска.

Меѓународниот ден на лицата со попреченост е потсетник за сите да бидеме добри сограѓани, добри раководители на институциите на системот и да се заложиме лицата со попреченост да имаат поквалитетен живот, нагласи министерката Царовска.

 

OhridNews