Австрија и Шведска обезбедија пласман во Лигата А, а денешната програма носи и решавачка пресметка меѓу Белгија и Италија.
Данска ја забележа највпечатливата победа во синоќешните натпревари од фудбалската Лига на нации, совладувајќи ја Португалија на гости со убедливи 4:1. Во Брага блесна Расмус Хојлунд со два гола, а во листата на стрелците за гостите се запишаа и Пјер-Емил Хојбјерг од пенал и Јоаким Андерсен. Единствениот погодок за домаќините го постигна Бернардо Силва. Португалија и покрај поразот веќе има обезбедено четвртфинале, додека Данска останува во трката за место меѓу најдобрите осум.
Во истата група Норвешка го совлада Велс со 3:1 и ја задржа шансата за пласман во следната фаза. Антонио Нуса и Андреас Шјелдеруп донесоа предност од два гола, Дејвид Брукс намали, а Ерлинг Халанд од пенал ја потврди победата. Норвежаните во последното коло гостуваат кај Данска, во директен дуел за четвртфинале.
Причини за славење имаа и Австрија и Шведска, кои обезбедија промоција во Лигата А. Австријците ја совладаа Република Ирска со 1:0, со погодокот на Саша Калајџиќ, додека Шведска беше подобра од Босна и Херцеговина со 3:2. Виктор Ѓокереш реализираше два пенала за победничката селекција.
Резултати од сабота, 14 ноември:
А / 4| Норвешка – Велс| 3:1
А / 4| Португалија – Данска| 1:4
Б / 2| Грузија – Унгарија| 0:2
Б / 2| Северна Ирска – Украина| 1:0
Б / 3| Косово – Израел| 0:0
Б / 3| Австрија – Република Ирска| 1:0
Б / 4| Романија – Полска| 2:1
Б / 4| Шведска – Босна и Херцеговина| 3:2
Денеска, недела, започнува последното коло од групната фаза, а во центарот на вниманието е пресметката Шпанија – Англија од 20:45 часот. Шпанците го добија првиот меѓусебен дуел на „Вембли“ со 3:2, а Англичаните сега ќе бараат реванш и можност да го преземат првото место во групата.
Неизвесна завршница се очекува и во групата А1, каде Италија, Франција и Белгија се борат за двете четвртфинални места. Италијанците гостуваат кај Белгија, додека Франција ја пречекува Турција. Во Лигата Ц, Белорусија и Албанија во меѓусебен дуел ќе решаваат за првото место и директната промоција, при што Албанците влегуваат со два бода предност.
Денешна програма, 15 ноември:
15:00| Ц / 2| Кипар – Црна Гора
15:00| Ц / 2| Летонија – Ерменија
18:00| Ц / 1| Белорусија – Албанија
18:00| Ц / 1| Финска – Сан Марино
20:45| А / 1| Белгија – Италија
20:45| А / 1| Франција – Турција
20:45| А / 3| Хрватска – Чешка
20:45| А / 3| Шпанија – Англија
Г.М












