Вицепремиерот Александар Николоски најавува уредување на состојбите со плажите во соработка со пет општини. Паралелно се водат разговори за нови туристички чартер-аранжмани кои би носеле најмалку два авиона дневно на охридскиот аеродром во периодот од октомври до мај.

Плажа на Охридското Езеро.

Ставање ред во користењето и управувањето со плажите и создавање услови за развој на туризмот во текот на целата година се две значајни прашања за Охридскиот регион, за кои се очекуваат конкретни чекори во наредниот период.

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, одговарајќи на новинарски прашања во Охрид, најави дека подготовките за законското решение со кое треба да се уреди состојбата со плажите се во напредна фаза и дека работата треба да заврши во текот на зимата.

Работиме таму со општините Дојран, Ресен, Охрид, Струга и Дебрца и во доста напредна фаза сме. Во текот на зимата таа работа ќе се заврши како би можело во новата сезона да имаме чиста ситуација, изјави Николоски.

Александар Николоски – Вицепремиер и ми истер за транспорт. Фото: Охридњуз.

На дополнителното новинарско прашање што конкретно се очекува да се постигне со новиот закон, вицепремиерот кусо одговори:

Да се среди ова коешто го имаме сега, да го средиме.

Една од многуте предлог идеи за изглед на плажите издадени под концесија на Охридското Езеро. Фото: Архива Охридњуз.

Со најавеното законско решение треба да се одговори на долгогодишните проблеми со уредувањето и користењето на плажите, прашање кое е особено актуелно во Охрид и Струга. Засега не се соопштени детали за конкретните законски одредби, начинот на управување со плажите и постапките за нивно користење.

Можни чартер-летови и надвор од туристичката сезона

Покрај уредувањето на плажите, Николоски се осврна и на развојот на охридскиот аеродром, кој бележи значителен раст на патничкиот сообраќај.

Според него, кога била доделена концесијата на ТАВ, физибилити-студијата предвидувала аеродромот до 2030 година да достигне 130.000 патници. Меѓутоа, како што истакна, годинава се очекува бројот на патници да се движи меѓу 370.000 и 400.000, што е речиси трипати повеќе од првичната проекција за 2030 година.

Далеку, далеку над она што било проектирано за 2030 година веќе го постигнуваме во 2026 година и ќе продолжи да расте во следниов период“, рече Николоски, посочувајќи дека се очекуваат конечните податоци за последните два месеца од годината.

Тој оцени дека модернизацијата на аеродромската инфраструктура, вклучително и новата терминална зграда и помошните простории, придонесува за подобра функционалност и зголемена привлечност на охридскиот аеродром.

Особено значајна е најавата за можноста Охрид да добие организирани туристички чартер-летови во периодот надвор од главната туристичка сезона.

Она што е мое очекување, сè уште не сме потврдени, но мислам дека сме блиску, е едни големи чартер тури коишто почнуваат да се прават во државата, коишто би значеле најмалце два авиони дневно со туристи надвор од сезоната, во период од октомври до мај, да го потврдиме во следниов период и тоа да е додадена вредност на охридскиот аеродром, изјави Николоски.

Доколку овие аранжмани се реализираат, тие би можеле да дадат значаен придонес за продолжување на туристичката сезона, подобра искористеност на хотелските капацитети и поголема активност во туристичко-угостителскиот сектор во месеците кога традиционално има помалку гости.

Засега не се соопштени детали за потенцијалните туристички пазари, авиопревозниците или операторите што би ги организирале чартер-летовите.

Рекордна година и за двата аеродрома

Николоски очекува растот на патничкиот сообраќај да продолжи и на скопскиот аеродром, кој според неговите проценки годинава треба да надмине 3,6 милиони патници.

Тој изрази надеж дека двата македонски аеродрома заедно до крајот на годината ќе достигнат четири милиони патници, наспроти 2,4 милиони во 2024 година.

Најавите за уредување на плажите пред новата сезона и можноста за чартер-летови во зимскиот период отвораат две важни прашања за идниот развој на туризмот во Охридскиот регион – подобро управување со туристичкиот простор и создавање услови за туристичка активност во текот на целата година.

Г.М.