Согласно Програмата на одделението за заштита и влијание на животната средина за 2017 година, Општина Охрид објавува ликовен и литературен конкурс во соработка со охридските основни училишта на тема: Есента собира семиња за цветови во сите годишни времиња“.
Човештвото се соочува со намалување на зелените површини и затоа целта на овој проект е унапредување на просторот со зеленило и цветни површини со што ќе се овозможи подобрување на квалитетот на воздухот, подобрување на квалитетот на живот во градските подрачја и унапредување на животната средина.Секоја индивидуа со доволна волја без оглед на возраста може да даде свој придонес во зачувувањето на чиста и здрава животна средина. Од најмали нозе треба да се едуцираме како да штедиме енергија, да ги зачуваме воздухот и водата чисти и да ги штедиме нашите природни ресурси. Затоа секој во својата најблиска околина може да создаде убаво катче исчистено од смет и уредено со зеленило и цвеќиња.
Овој еко проект е во соработка со основните училишта на територијата на Општина Охрид заради одбележување на Есенската рамноденица – почеток на есента 23-ти септември. Право на учество имаат сите деца на возраст од 6 до 14 години, ученици во основните училишта на територијата на Општина Охрид. Доставените литературни и ликовни творби треба да содржат еко порака која ќе одговара на дадената тема на конкурсот. Доставените ликовни творби треба да бидат поезија или проза. Ликовните дела треба да се цртежи или предмети изработени од рециклажен материјал (колаж, акварел , предмети и украси од пластика и хартија …..) Учесниците на конкурсот се појавуваат под шифра. Право на учество имаат оргинални ликовни и литературни творби кои претходно не се објавувани и не учествувале на други конкурси. Оценувачката комисија нема да ги разгледува оние трудови кои ќе пристигнат по предвидениот рок или не се изработени според условите наведени во конкурсот. Секое дете на овој конкурс треба да учествува со својот наставник- ментор и има право да учествува со по еден труд ( ликовен или литературен). Изборот на најдобрите ликовни и литературни творби ќе го изврши жири комисијата за оценување на трудот составена од три члена.
Жири комисијата ќе даде оценка за доставените трудови при што за нејзината работа ќе изготви извештај со листа за наградени ученици, а резултатите од конкурсот ќе бидат објавени најдоцна 10 дена од последниот рок за предавање на трудовите. За резултатите наградените ученици и училишта ќе бидат писмено известени од страна на жири комисијата, а истите ќе бидат објавени на интернет страната на Општина Охрид–www.ohrid.gov.mk
Прво наградените ученици на ликовниот и литературен конкурс добиваат по 7000 денари еднократно. Второ наградените ученици на ликовниот и литературен конкурс добиваат по 5000 денари еднократно. Трето наградените ученици на ликовниот и литературен конкурс добиваат по 3000 денари еднократно. Со најдобрите ликовни и литературни трудови ,Општина Охрид ќе организира промоција и изложба како збогатување на културната понуда во градот.
Поопширни информации околу учеството на конкурсот може да се најдат на интернет страната на општина Охрид.
OhridNews












