Под диригенската палка на Паскал Галоа, еден и од најпризнатите мајстори на фаготот, вечерва на програмата на фестивалот „Охридско лето“, „Лирска вечер“ со настапот на сопраните Милена Арсовска и Гонца Богоромова Краповски, како и бас-баритон Иван Наумовски.
Уметничката кариера на Галоа вклучува повеќе активности: покрај исклучително плодна активност како енигматичен и енергичен виртуоз-фаготист и познат педагог, во последно време се афирмира и како успешен диригент но и и особено креативен уметнички директор. Во значајните “музички моменти” кои ги иницираше Галоа се вбројуваат и концертите во чест на 85-тиот роденден на Пјер Булез, осмислени од Галоа како уметнички директор, со учество на швајцарскиот кларинетист Јорг Видман во парискиот Музеј на уметности и занаети. По поводот на 95-тиот роденден на Анри Дитије, Галоа организира музичко одбележување во Палатата Лозон во Париз. Галоа има реализирано бројни снимки како солист, камерен музичар и диригент, со исклучителен ентузијазам за нова музика, вклучувајќи дела од Булез до Куртаг; од Берио до Нојвирт. Активно работи како диригент со голем број ансамбли и оркестри, вклучувајќи ги и Оркестарот на Бретања, Интернационалниот ансамбл за нова музика во Њујорк, ансамблот „Праг-Модерн“ и ансамблот „Меитар“ во Израел.
Сопранот Милена Арсовска е една од најистакнатите македонски вокални уметници од поновата генерација, со успешна меѓународна кариера. Дипломира соло- пеење на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а магистрира на Универзитетот за музика и уметности во Виена. Милена Арсовска дебитира во Македонската опера и балет каде што настапува во продукциите на оперите: „Волшебната флејта“, „Свртување на шрафот“, „Италијанка во Алжир“, „Рита“.
Македонскиот сопран Гонца Богоромова Краповски своето професионално деби го остварува во 2006 год. со Македонската филхармонија, по што, како солист и камерен музичар продолжува со концертната активност во земјата и странство. На македонската оперска сцена дебитира со улогата на Церлина во Mоцартовата „Don Giovanni“, а на меѓународната оперската сцена дебитира со улогата на Магда во операта „La Rondine“ на Пучини, на покана на Државната опера од Стара Загора, Бугарија. Своето меѓународно концертно деби го остварува со „Wien Klang Sinfonietta“ од Виена на концертна турнеја во Кина.
Македонскиот бас-баритон Иван Наумовски ги завршува своите дипломски студии по соло пеење со највисоки оценки на ФМУ во Скопје, во класата на проф. м-р Марија Муратовска, а магистрира на Универзитетите во Грац и Виена. Низ неговата соло кариера, Иван бележи настапи во: Норвешка, Австрија, Хрватска, Германија, Чешка и др. Во 2015-та ја добива престижната македонска награда „Виртуози” во категоријата „млад уметник”, а во 2016 дебитира во МОБ на отворањето на „Мајските оперски вечери” со главната улога во истоимената опера „Евгениј Онегин”. Скорешните ангажмани ги вклучуваат улогата на Дон Фернандо во концертна изведба на „Фиделио“, и како солист во бетовеновата Деветта симфонија. Во 2020-та настапува со Симон Трпчески на сцената во Македонската филхармонија на фестивалот ДММ, и се наоѓа во финалето на натпреварот во Инсбрук, Австрија.
OhridNews












