Генетски профил на изолираната листерија кој е со 98 процентна сличност со генотипот кај осуммината заболени од листерија од кои четири починаа, пронајден е во мостра од вакумиран свински врат.
Ова денеска го објави Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство, додавајќи дека станува збор за производ на „Екстра меин“ од Куманово.
Кумановската фабрика, пак, производот го набавувала од Гевгелија, но сеуште нема податоци за тоа кој точно го произвел месото.
Претседателот на Комисија, Звонко Миленковиќ информираше дека биле испитани вкупно 650 мостри во овој период, при што во 30 случаи биле пронајдени примери на изолати на листерија моноцитогенес, но во производи кои се предмет на термичка обработка и кои се сметаат за безбедни за консумација.
Ова значи сериозна насока за лоцирање на изворот на заболувањето. Надлежните институции имаат задача преку епидемиолошки постапувања да преземат натамошни мерки за следење на ланецот на појава на заболувањето, рече Миленковиќ.
Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Дејан Рунтевски информираше дека веднаш било наредено повлекување на сите производи од овие лотови од малопродажбата.
Во исто време наредено е сопирање на производството за да може да се земат мостри од работните површини, од машините, од сите оние делови каде што евентуално може да се најде листеријата за да се изврши споредување со изолатите земени од кај луѓето, рече Рунтевски.
OhridNews
извор: „Макфакс“